Компанијата „Fish and chips“, од Турција најавила дека е заинтересирана за инвестирање во Охрид. За таа цел дел од раководството на компанијата предводено од директорот Левент Ерсој во текот на денешниот ден остварилo средба со Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Гостите  од Турција го информирале градоначалникот дека бараат погодни локации за изградба на големи Аутлет-шопинг центри кои би се  граделе на излез  од градот  во близина  на регионалниот пат Охрид-Кичево, како и површини  на  крајбрежјето погодни за изградба на викендици и аква паркови. На средбата гостите покажале интерес и за руинирани објекти сместени на атрактивни локации  кои  со реновирање би биле привлечни хотели.

Потенцијалните инвеститори на средбата меѓу другото истакнале дека  се интересираат и за земјиште  за изградба на овоштарници и ладилници како и дека сакаат под закуп да земат објект кој би се наоѓал на атрактивна локација  долж крајбрежјето во кој би се продавале  риба и рибни производи по прифатлива цена.

Во текот на едно неделниот престој во Република Македонија, потенцијалните инвеститори од Турција во Охрид ќе се задржат пет дена. Тие  во  придружба на претставник од општина Охрид  попладнево ги разгледуваа можните локации  за инвестирање.  

OhridNews