Екипата на Спаски Пердул триумфираше на 11-то издание на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2015“ во натпревар против Кадмо (3-1) одигран пред полни трибини.


Финалниот натпревар не само што ги оправда туку и ги надмина очекувањата. Сите актери на теренот ја посакуваа победа и „гинеа“ за неа, но во фудбалот и спортот воопшто на крајот само еден се радува, а овој пат тоа беа „баварците“.


Големите возбудувања во финалето ги најавија актерите во малото финале Асп Пак – Мистер кои постигнаа по четири погодоци и победникот го решеваа по изведување на пеналите. Во пенал рулетот по присебни беа минатогодишните шампиони и го освоија третото место.


Еден од специјалните гости на финалниот ден на турнирот беше Јохан Тарчуловски кој и ја додели наградата за прво место. Останатите награди ги доделија Сашо Донев – директор на ЈП „Нискоградба“ (четврто место),  Димче Ночески (трето) и Марио Пердулоски (второ).


– Многу ми е мило што вака ве гледам сите на едно место и сплотени и уживаме во прекрасните натпревари во Велгошти. На организаторите им посакувам овој турнир да прерасне во еден од најдобрите од земјава, а на учесниците добро здравје и среќа. – порача Тарчуловски.


Покрај паричните награди организаторите обезбедија индивидуални признанија и со огномет го затворија и најавија уште поквалитетен турнир следната година.

Михаил Постоловски