Екипата на АСП Пак триумфираше на Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Градоначалникот на Охрид проф. Јован Стојаноски, кој се одржа во СРЦ „Климент Колески“. Во големото финале, АСП Пак со 6-2 (3-0) славеше против Сатеска.
До титулата на Меморијалниот турнир АСП Пак стигна со убедлива игра во првиот дел во кој постигнаа три погодоци. Сатеска, на стартот од вториот дел се врати резултатиски во игра намалувајќи на 3-2, но искусниот состав на АСП Пак не дозволи комплетен кам бек и со нови три погодоци ја запечати победата.
Во малото финале, екипата на Такси Мече со 5-2 го совлада тимот на Златара Бени и Ерол и се закити со бронзениот медал.
За најдобар голман на турнирот одбран беше Оливер Митрески од АСП Пак, додека најдобар стрелец беше Јован Стоески од Сатеска.
АСП Пак, 30 000 денари од првата награда која изнесуваше 150 000 денари ќе донира во добротворни цели. Вистински шампионски!
OhridNews