Охрид е најголемиот туристички центар во земјата, ама најмногу туристи има во Скопје. Според Државниот завод за статистика главниот град, а не Охрид е дестинација број еден во Македонија. Во јуни годинава низ Скопје поминале речиси 12.000 туристи и оствариле 21.400 ноќевања. Другите туристички места, како што се охридско и преспанското крајбрежје и Дојран го посетиле околу 23.000 туристи и оствариле 64.500 ноќевања.

Во првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 2,3 отсто, при што кај домашните туристи има намалување за 4,6 проценти, а кај странските зголемување за 9,5 отсто. Најмногу туристи  земјава ја посетиле од соседна Србија кои оствариле 12.100 ноќевања.

Се разбира состојбата драстично ќе се промени кога ќе се сублимираат резултатите од шпицот на туристичката сезона, кога во Охрид и Струга се остваруваат најголемиот број ноќевања, но изнесените податоци на Статистика се сериозен показатал на состојбите во македонскиот туризам. Бројките неодминливо го наметнуваат прашањето: има ли Македонија туристички производ, бренд? Ако подлабоко се анализраат податоците на Државниот завод за статистика ќе се дојде до уште еден поразителен факт дека најголемиот дел од туристите вон сезона во Македонија доаѓаат на по ден, два, три, најчесто по бизнис или како учесници на семинари, конференции и слично. Дали тогаш нив можеме и воопшто да ги дефинираме како туристи кои дошле да ја посетат земјата заради туризам? Дилемата ја надополнува и  изнесениот факт дека најмногу туристи пред летниот шпиц имало во Скопје, а не во познатите туристички места во земјата.

Според експертите ваквите состојби во македонскиот туризам не треба да зачудуваат особено поради фактот што земјата се’ уште нема стратегија за развој и промоција на туризмот, а понудата не е конкурентна на светскиот пазар. На ова според нив упатуваат компаративните резултати со соседните земји кои се далеку пред Македонија како во понудата, така и по остварените резултати во туризмот.

Ohridnews