Дворот на семејството Богданоски на улицата „Гоце Делчев“, во близина на влезот во старата охридска чаршија, не е обичен двор. Тој крие многу спомени и анегдоти кои ден денес се прераскажуваат помеѓу охриѓани. А спомените најдобро се евоцираат со чашка ракија, уште ако е добра домашна… Семејството Богданоски речиси шест децении им вари домашна ракија на охриѓани, на традиционален начин во старата куќарка на крајот од дворот, изградена многу одамна од непечена тула и камен кои полека ги јаде забот на времето.
Коста Богданоски е трета генерација казанџија. Семејниот занает наследен од неговите дедо и татко, не само што го зачувал, туку и внимателно го негува, за што говори податокот дека Богданоски се единствени што масовно произведуваат ракија на традиционален начин во урбан Охрид. Свесен дека се има рок на траење, Коста наскоро ќе го освежи стариот објект, кој во голема мера ќе задржи дел од автентичноста.
Сакам, да се оплемени ова место. Кровот е стар, ќе биде поправен, а објектот ќе биде преуреден внатрешно. Тоа ќе го направам со камен и печени тули, се разбира и дрвени грди, друг материјал нема да биде користен. – вели казанџијата Коста.
Планот е ова место да добие и туристичка димензија. Странските посетители тука би доаѓале организирано со водич, да го видат процесот на традиционално производство на ракија и да ја вкусат.
Се надевам дека ќе им е интересно и на туристите. Има искажан интерес и се надевам дека кога ќе заврши ковид кризата ќе бидеме посетувани од туристите на кои ќе им ја раскажеме приказната како се вари ракија кај нас. – истакна Богданоски.
Во Охридскиот регион се прави квалитетна домашна ракија, најчесто од комина од вино. Меѓу најпознатите е и „Черешнојца“ – ракија од надалеку познатата охридска цреша. Се прави ракија и од јаболка, сливи, дуњи и друго овошје. Јачината на ракијата од грозје на ова поднебје е 52 – 54 степени, но некои ја сакаат и посилна. Овошните ракии, пак, се прават помеки, 42 – 46 степени за да се почувствува аромата на овошјето.
Ракијата е поквалитетна ако е одлежана, минимум два месеца. До три години таа зрее и добива на квалитет. Нормално вкусот зависи и во какви услови се чува, во дрвени буриња или се обојува со дабов чипс или муренка. Тоа зависи од вкусот. Што се однесува до консумирањето, ракијата е најдобра со добро мезе и добро друштво. Секако да се пие умерено, чаша до две. – препорачува казанџијата Коста Богданоски.
Порано варењето ракија било своевиден ритуал. Тоа било повод за дружби на кои се раскажувале приказни и анегдоти, кои ден денес се актуелни.
Над стариот кревет покрај казаните стои натпис кој ги предупредува луѓето задолжени да внимаваат на казаните да не им претече ракијата. Испишан е откако еден муштерија подзаспал и ракијата почнала да му претекува од садот каде што ја собирал. – раскажува казанџијата Коста.
Денес луѓето имаат се помалку време и помалку се дружат, вели нашиот соговорник, изразувајќи надеж дека актуелната здравствена криза ќе помине и дека ќе им се вратиме на животните задоволства и дружби на кои ќе се прераскажуваат весели случки и ќе се евоцираат спомени за времињата минати на кои потсетуваат старите тули околу казаните на семејството Богданоски, кое продолжува да ја негува традицијата на правење домашна ракија пркосејќи им на модерните времиња и навики на потрошувачкото општество.
Г. Момироски
Видео/фото: А. Момироска