Турците, Грците и Албанците биле најбројни туристи во 2014 година во Македонија, додека Холанѓаните, се уште се на прво место по бројот на остварени ноќевања. Ова го покажуваат резултатите на Државниот завод за статистика, кои ги анализираше менаџерот по хотелско работење Тони Павловски.
-Како и минатите години така и 2014 година туристите од Турција се најбројни во Македонија. Значајно што мора да се наведе во однос на туристите од Турција е што изминатата година има намалување на нивниот број. Ако во 2013 година сме имале 68 124 туристи од Турција, изминатата година таа бројка падна на 63 567. – вели Павловски.
Како и предходната 2013 година, така и 2014 година туристите од Грција ја задржаа втората позиција, Во 2013 година сме имале 46 184 туристи од Грција, а изминатата 2014 година бројката падна на 42 677.
Туристите, пак, од соседна Албанија, се се’ побројни. Во 2013 година ги имало само 16 682. додека минатата година во Македонија престојувале 42 058 албански туристи.
Зголемување има и на туристите од Србија, Бугарија и Холандија. Мал пад има на туристите од соседно Косово.
Најголем број ноќевања и минатата година оствариле гостите од Холандија, или вкупно 128 121 ноќевање. Туристите од Грција се на втората позиција со 104 371 ноќевања, што е зголемување во однос на 2013 година. Трети на листата се туристите од Турција со остварени 97 097 ноќевања, следат туристите од Србија со 76 630 ноќевања, од Бугарија со 48 862 ноќевања, и туристите од Албанија со 42 058 ноќевања. Во 2013 година туристите од Косово оствариле 28 113 ноќевања, а во 2014 година 25 356 ноќевања.
OhridNews