За време на новогодишните и божиќните празници Охрид го посетија околу 20 илјади туристи, пред се, од Србија, Хрватска,Словенија, Албанија и Бугарија. Годинашнава зимска сезона ретко-кој од туристите го разгледа културно-историското богатство на Охрид.Црквите, галериите, музеите, спомениците, по се изгледа не беа во аранжманите на гостите. Познавачите на туристичките прилики велат дека толкав број гости  се очекува и за празникот Богојавление-Водици.

Културните работници потврдуваат дека за време на празниците културно-историските објекти не беа посетени според очекувањата. Се чини дека годинава гостите повеќе беа насочени кон угостителските објекти, чаршијата, но и кон  бутиците и салоните за разубавување.

„ На 31-ви декември во нашиот бутик дојде една госпоѓа од Србија, не знам од кој град беше, и само праша колку чини комплетот на куклата што е на излогот. Кога и ја кажав цената таа рече дека ќе го земе. Нормално, и понудив да го проба, но таа рече само спакувајте го“, ни раскажа продавачка во охридски бутик.

Небојша од Ниш, Србија, кој се уште е на одмор во Охрид вели дека е отседнат во приватна куќа каде што се сместува секоја година кога доаѓа на летување. „Вљубен сум во Охрид но годинава првпат доаѓам во зима. Голема среќа е што заврна и снегот, па така дел од одморот, мене и на моето семејство ни помина во идиличен амбиент. Тука сум се уште зашто сакам да се уверам во спектаклот што ми го најавуваат моите пријатели, охриѓаните, за празникот на 19 јануари“, кажува Небојша и додава дека во Охрид овојпат освен во снегот по градските улици и во охридската чаршија не прошетал на друго место.  

Зимската туристичка сезона продожува со празникот Богојавление за кога се најавени околу 200 тур-оператори од европските земји, но и со Вториот меѓународен саем за туризам што ќе се одржи од 17 до 20 јануари.

Во февруари, кога е значително помал бројот на настани атрактивни за туристите, од спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“ најавуваат дека ќе го организираат првиот фестивал на плашицата.

A. Р.