Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори во соработка со организациите од Турција може да обезбеди 5.000 квалификувани работници кои веднаш ќе почнат да работата во домашните капацитети доколку надлежните институции овозможат нивно вработување под условите кои важат и за македонските државјани. Поради одливот на кадар во европските држави, секторот се соочува со сериозен недостиг на квалификувана работна сила што е закана за опстојувањето на голем број деловни субјекти.
Во комуникација со секторските здруженија и организации од Турција најдовме решение за надминување на сериозниот проблем со кој се соочува туристичко-угостителскиот сектор, недостигот на квалификувана работна сила како келнери, рецепционери, собарки, кувари и имаме зелено светло веднаш да донесеме 5.000 работници, за кои нашите плати се прифатливи. Но за да може тоа да се операционализира неопходно е да се поедностават процедурите за регулирање на вработувањето на овие лица бидејќи во нашата држава постои прилично сложена процедура за засновање на работен однос со странски државјани. Сметаме дека доколку овие лица може да се вработат под истите услови како и нашите државјани значително ќе го ублажиме сериозниот кадровски проблем со кој се соочуваме, истакна претседателот на ТУК, Аркан Керим, кој сподели и проценка дека реалната бројка на работници кои недостигаат во овој сектор се движи околу 20.000, а доколку не се најде решени постои ризик за затворање на 50-60 проценти од постоечките капацитети.
Нашите келнери, собари и рецепционери масовно заминуваат, главно на Јадранското приморје, во Хравстка и Словенија, но евидентно е и иселувањето во подалечните земји. Со турските работници, оцени Керим, нашиот туристичко-угостителски сектор ќе го подигне и стандардот на услугите.
Нашите плати се тие. Во Хрватска кафе е 15 евра, а кај нас две евра или ручек за четиричлено семејство е 500 евра. Со вакви цени нормално дека може да даваат и високи плати, ние 2 000 евра не можеме да си дозволиме, нагласи Керим.
Земјава, додаде, не е примамлива за работници од Србија или Албанија. И тие најчесто работат или на Јадранско приморје или во Грција.
На прес-конференцијата се презентираше и втора клучна активност на Комората која треба да овозможи намалување на негативните ефекти предизвикани од мултиплицирачката криза врз овој сектор преку обезбедување на финансиска поддршка од ЕУ неповратни фондови за поставување на соларни панели и користење на други алтернативни извори на електрична енергија.
Новото раководство на Комората во кое вклучуваме и успешни бизнисмени од секторот кои се од Америка, Австрија и Турција ќе се залага за воспоставување на директна комуникација со Европската комисија во приближување на овие неповратни фондови за финансирање на деловните субјекти во туристичкиот сектор во нашата земја. Комората ќе помогне во обезбедување на извори на финансирање, но и ќе го мониторира начинот на нивно трошење со цел оправдување на инвестицијата за соодветната цел. Дел од овие средства ќе се инвестираат и во алтернативните извори на енергија како сериозна можност која значително ќе ги намали трошоците за електрична енергија на деловните субјекти од овој сектор, истакна Керим.
Тој уште еднаш го повтори барањето – да се формира министерство за туризам, а секторот да се одвои од сферата на економијата и да стане составен дел на културата.
ТУК во октомври или ноември ќе организира промоција на првите почесни амбасадори за македонскиот туризам, а првичните имиња се Петар Грашо во Хрватска и Слобода Мичаловиќ во Србија.
OhridNews