Туристичките водичи се соочуваат со нелојална конкуренција, квази водичи, странски нелиценцирани водичи кои си земаат за право да ја превртуваат историјата во нивен терк, беше посочено на денешниот настан поврзан со одбележување на Меѓународниот ден на туристичките водичите 21 февруари.

Беше побарано од страна на домашните професионални туристички водичи, институциите во државата да изнајдат начин за надминување на овој проблем.

Претседателот на Здружението на туристички водичи на Македонија, Бранко Босилков, посочи дека постојат недоследности во легислативата, односно неможноста на инспекторите да изрекуваат казни на лице место за квази-водичите.

Ако затекнат група туристи со странски водич треба да се повика пазарна инспекција, па таа да дојде, а тоа е невозможна мисија затоа што на пазарната инспекција треба да и се најави однапред. Од каде инспекторите ќе знаат кога ќе дојде група со нелиценциран водич, изјави Босилков.

Инаку, во рамки на денешниот настан Здружението на туристички водичи на Македонија, НУ Завод и музеј Охрид и Капетанијата на пристаништа потпишаа  и Меморандум за соработка со кој ќе се олесни пристапот на организирани туристички групи до најпосетените културно-историски локалитети во Охридскиот регион.

Воедно, беше организирана бесплатна тура со брод на која беа посетени најзначајните културно-историски обележја на Охридското Езеро.

OhridNews