Низ планините депонии, во градот расфрлан и несоодветно одложен смет, во езерските води „истурена“ цела покуќнина…. Ова за жал е грдата слика на туристички Охрид, кој и во 2019 година мака мачи со ниската еколошка свест.

Не се поштедени ниту атрактивните локалитети во стариот дел на градот кои се најпосетени од туристите. Токму ниското ниво на еколошка култура и јавна хигиена е тоа што најмногу им смета на туристите велат туристичките водичи. По големиот број поплаки кои секојдневно стигнуваат до нив водејќи туристички групи, тие се решија да спроведат еколошка акција низ стариот дел на градот по рутата по која најчесто се движат групите туристи.

Боли длабоко во душата кога ќе добиете коментар од странец дека Охрид е бисер, еден од најубавите градови кои воопшто го виделе, но многу често среќаваат расфрлани пластични шишиња, хартија и друг отпад на јавните површини. Не може „Комуналец“ да си ја заврши работата ако свеста на луѓето е на ниско ниво, а кај нас реално е на ниско ниво. Пример за тоа е овој пункт кај рампите на Горна порта, каде работниците кои го регулираат сообраќајот седат буквално во ѓубре и тоа воопшто не им пречи. Е тоа е реалноста во Охрид. – вели Горан Устијаноски, раководител на „Капетанија“ Охрид и лиценциран туристички водич.

Устијаноски вели дека не само водичите, туку треба да се организираат и обичните граѓани да си го соберат ѓубрето кое е расфрлано по тротоарите, парковите и улиците.

За тоа треба да се одвои еден час неделно. Наместо некаде да се пие макијато три часа и пластичното лажиче од 5 сантиметри од гризење да се издолжи на 15 сантиметри, еден час можат да скратат и да го посветат на уредување на сопствениот двор или јавна површина. Не е тоа срамота, службите си работат но тоа не може да биде доволно во туристичка сезона кога во градот доаѓаат илјадници гости. И треба да се напомене дека ова ѓубре кое го собираме не е резултат на гости, ова е исклучиво резултат на мештани, па нека се лути кој колку сака. – додава Устијаноски.

Според Устијаноски главен проблем е ниската еколошка свест, а казнената политика не дава резултати затоа што тешко може да се докаже кој го фрлил ѓубрето на јавна површина.

Свеста на многу луѓе е на страшно ниско ниво. Нуркачите го докажаа тоа преку „артефактите“ кои ги извадија од езеро, ние денес најдовме триста чуда. А сето ова ѓубре го гледаат туристите. – додава Устијаноски.

Апостолис Карајанис од Т.А. „Одисеја травел“ и водич вели дека нема колега на кој гостите не му се пожалиле за расфрланото ѓубре и нечистотијата со која се среќаваат низ градот.

Целта ни е да се крене малку свеста кај сите жители на Охрид. Голем дел од градот зависи и живее од туризмот, а еден од најважните сегменти од кои зависи туризмот е чистотата. Се надевам дека ваквиот пример ќе го следат други здруженија и институции со цел да се подигне нивото на чистота не само во стариот дел на градот, туку воопшто во целиот регион. – рече Карајанис.

Идната недела еколошка акција најавија и членовоте на Клубот за подводни активности Охрид од Охрид, кои ќе го чистат езерското дно од отпадот кој таму се наталожил во текот на сезоната.

Г.М.

Фото галерија:

Туристичките водичи и агенции го чистат сметот во Стар град за да не се срамат пред туристите