Според нив, секојдневните негативни информации за состојбата во Охрид, присутни во медиумите, можат да донесат штета пред почетокот на годинешната туристичка сезона.
-Не сме тука за да бараме виновници. Не сакаме да ја зацрниме и онака темната слика за Охрид. Се надеваме дека некој ќе стави крај на оваа мизерија и ќе помогне Охрид со своите природни убавини да блесне во вистинско светло, изјави Александар Чоневски, потпретседател на Стопанската комора за туризам на Македонија.
Според него, дел од проблемите, како што е оној со колекторскиот систем, се присутни повеќе години и затоа апелираат, наместо да се говори, да се пристапи кон решавање на проблемите.
-Во Македонија подолго време сме набиени со негативна енергија. Ова е апел од туристичките работници до охриѓани и до целата македонска јавност да се надмине себе си и да размислува позитивно. Да не се дели на наши и на ваши, на леви и на десни, затоа што Охрид и неговото богатство припаѓа на цел народ во Македонија, изјави Арсение Јаневски, член на Судот на честа при комората.
Според претставниците на комората, рекламирањето на Македонија како туристичка дестинација во странските медиуми дава позитивни резултати. Годинава очекуваат организирани тури од Холандија, Израел, Австрија, Германија, Франција, Словенија, Хрватска и други земји. Апелираат на подобрување на инфраструктурата, како и на намалување на цените на авиосообраќајот, што според нив, Македонија ја прават скапа дестинација.
Извор:Макфакс