Туристичките работници очекуваат Министерството за економија и Владата веднаш да преземат мерки за помош на туристичкиот сектор кој е меѓу најпогодените од ковид кризата.

Нашите барања се веќе доставени до министерот за економија, Кресник Бектеши, кој е запознаен со огромните проблеми со кои се соочивме со затворањето на границите и неможноста да продолжиме да работиме и да егзистираме. Се надеваме на слух и разбирање од нивна страна, бидејќи помошта ни е неопходна за да можеме да опстоиме. – велат туристичките работници.

Тие напоменуваат дека доаѓаат есенските и зимските денови, кои ионака не се атрактивни за туристите со што дополнително ќе им се отежни ситуацијата.

Голем дел од агенциите, превозниците и водичите со престанувањето на финансиската поддршка за плата не исплатија плати за јули и август, а веќе ни пристигнуваат опомени. Не сме во можност да ги покриеме ниту основните трошоци за плата, кирија, сметки и останатите тековни трошоци. Бараме конечна разврска на нашите проблеми, бидејќи се грижиме за работните места на вработените и нашата иднина. Подготвени сме да ги прикажеме извештаите од нашите приливи во изминатите шест месеци, за да докажеме дека состојбата е сериозна и не бараме да профитираме, едноставно да опстоиме додека да дојдат подобри времиња. – додаваат тие.

Сметаат дека институциите се веќе доволно запознаени со проблематиката и сега треба да уследу конкретна помош.

Најавивме втор протест, кој го одложивме до формирањето на Владата. Сега очекуваме позитивен одговор од нивна страна, или ќе бидеме приморани повторно да излеземе на улиците секојдневно, додека не добиеме каков било одговор. – велат туристичките работници.

Во секторот туризам работат повеќе од 5000 лица, а опасност од затворање им се заканува на повеќе од 300 агенции. Во незавидна положба се и превозниците и туристичките водичи. Доколку продолжи овој тренд, ќе згасне една цела гранка од економијата, која придонесува во буџетот на државата, предупредуваат туристичките работници.

OhridNews