Во изминатата година, охридските туристички потенцијали беа претставени на голем број реномирани саеми за туризам во странство, со цел проширување и зголемување на заинтересираноста на потенцијалните туристи. Во таа насока, општина Охрид согласно законските норми, секоја година ја подготвува Г2 програмата за развој и унапредување на туризмот, а најголем акцент се става на меѓунардоните туристички берзи и саеми.

За бенефитите кои произлегуваат од промовирањето на Охрид како туристичка дестинација на меѓународните саеми, говорат последните податоци на Државниот завод за статистика, според кои во 2013 година бројот на странски гости кои престојувале во земјава бележи раст од 13,8 проценти.

На дел од саемите учествуваме во заедничка организација со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РМ, додека на  други настапуваме како општина Охрид во заедничка соработка со туристичките и угостителските субјекти од градот. Минатата година, општина Охрид учествуваше на саемите во Утрехт, Истанбул, Белград, Софија, Велико Трново, Нови Сад, Лесковац, Крагуевац, Александровац и Измир.“ – информира Илкер Мустафа, од Секторот за Туризам и локален економски развој.

Бенефит имаат сите чинители на туризмот

Како што велат од ТЛЕР, бенефит од промоцијата на Охрид вон границите на земјава имаат сите директни и индиректни чинители на туризмот, како општината така и хотелско угосителските објекти на ривиерата.

Привлекувањето на странските туристи и посетата на истите, значи зголемување на  бројот на ноќевања,  а со тоа и зголемување на наплатата на таксата за привремен престој. Бенефит од истата имаат општината и државата, односно сите кои се дел и ја чинат туристичката понуда на град Охрид како ресторани, пицерии, ноќни барови, кафетерии и други. Статистичките податоци укажуваат на тоа дека бројот на странските туристи се зголемува.“ – потенцира Мустафа.

Приоритетни саеми за тековната година

На голем број меѓународни саеми и берзи за туризам кои ќе се оддржат во 2014 година, општина Охрид во заедничка соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, ќе ги промовира туристичките потенцијали на градот.

Како приоритетен во 2014 година е саемот во Белград, на кој ќе настапиме во заедничка соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија. Потоа следуваат Берлин, Будва, Сараево, Приштина, Нови Сад, Измир и други меѓународни туристички саеми и берзи.“ – додава Мустафа.

Борба против дивите издавачи на соби

Дел од туристичките работници во Охрид, сметаат дека зголемениот број ноќевања во градот се должи на засилените инспекциски контроли врз дивите станоиздавачи.

Покачувањата на ноќевања се резултат на зголемената инспекција, односно поради високите казните. Во минатото, имавме голем број на станоиздаватели кои не беа воопшто регистрирани.“ – вели сопственик на приватен сместувачки капацитет од централното градско подрачје.

Сезоната зависи од времето, но потребни се гости од соседството

Многумина велат дека гостите од соседните земји му се неопходни на Охрид, доколку градот сака да биде целосно исполнет во текот на летниот период.

Мислам дека оваа година ќе има повеќе странски туристи по хотелите, додека на приватните сместувачки капацитети им се потребни гостите од Србија. Плаќаат добро, трошат повеќе пари во градот, односно Охрид има огромен прилив на девизи. Според мене, треба повеќе да се поработи на овој пазар.“ – вели охридски туристички работник.

О.Т.