Во пресрет на Локалните избори, за кои кампањата започнува на 27 септември, информативната редакција на OhridNews подготви серијал натписи „Што му треба на Охрид?“, во кои компетентни личности, стручњаци и авторитети од различни области, јавно изнесуваат ставови за состојбите и ги споделуваат своите мислења и визии за развојот на градот кон што целиме заедно сите како заедница. Целта е да се сврти вниманието на политичките чинители кон реалните потреби на охриѓани од сите возрасти и да се креираат политики кои ќе поттикнат развој и ќе ја придвижат економијата.

Денес изнесуваме ставови и мислења на лица стручни во областа на туризмот. Неопходно е обезбедување поволни услови за привлекување на странски и домашни инвеститори кои ќе вложуваат во отварање на нови содржини во Охрид, сметаат тие. Недостигот на  квалификуван кадар, но и формирање на некој нов Економски совет, преку кој би се спровеле во дело визиите на градот за развој и профилирање на туризмот и угостителството на макро ниво, треба да бидат во фокусот на креаторите на локални полотики. За подобрување на Охрид како туристичка дестинација мора да се работи на патната инфраструктура во Македонија, но и да се вратат медиумските кампањи, сугерираат туристичките чинители. Тие отворено ги посочуваат проблемите на кои треба со поголема посветеност да работи идната локална самоуправа, се со цел развој на туризмот и заштита на вистинските туристички вредности.

Во моментов поголем дел од хотелските капацитети се во употреба, се инвестира и во нови, како и во приватни сместувачки капацитети, апартмани, вили и сл. Тоа оди во прилог на сите гранки поврзани со туризмот. Секако дека во иднина треба да се обезбедат поволни услови за привлекување на странски и домашни инвеститори кои ќе вложуваат во отварање на нови содржини насекаде во Охрид и регионот и низ многу промотивни активности да ги валоризираме истите, вели Михајло Филев, туристички менаџер и занаетчија, изработувач на најпознатиот охридски и македонски бренд во светски размери Охридскиот бисер и филигран – „Филеви“.

Градење на аквапаркови, посовремени луна паркови, различни типови на барови, малку да бидеме поавангардни со плажите да се направат концепти за секаков тип на плажирање за сите вкусови и потреби, имаме доволно долго крајбрежје, се со цел да привлечеме повеќе туристи од секаде каде можеме да конкурираме. Треба да се најде решение за хотелскиот комплекс „Палас“ кој долги години е во колапс и на никому не му одговара да се соочува секојдневно со таква слика во строг центар на градот. Пред се тој хотел ако проработи ќе биде туристички препород и ќе претставува двигател на економијата во Охрид и Македонија и најубавата слика за Охрид, како некогаш. Рестораните и кафе баровите даваат убава слика на живот во Охрид, ако се зголеми бројот на туристите ќе се зголемат и инвестициите во отварање на нови објекти,  ќе расте и бројот на вработени и економијата. Кога ќе се  прошетаме по Охридската чаршија, во центарот и стариот град и ако видиме дека е преполно со туристи, тоа значи дека сите капацитети се полни, секој дуќан, тезга, сите што егзистираат од туризмот ќе бидат задоволни. Тоа зависи од сите нас, тоа е заслуга на сите граѓани, секој на свој начин преку своите дела, струка, придонесува да биде чист, разубавен, уреден Охрид. Така било секогаш, а се надевам Охрид ќе биде уште поубаво туристичко место. Ние занаетчиите традиционално  ќе продолжиме да го одржуваме еснафскиот принцип на работа, затоа што сме свесни дека со своите дела создадени во своите работилници  придонесуваме странските туристи да имаат добар впечаток. А тоа го правиме преку презентирање на нашата историја и атрактивните презентации на  нашите занаетчиски  вештини преточени во уникатен накит со кој ја отсликуваме културата на Охрид и Македонија. Државата затоа треба да ги заштити занаетчиите од нелојална конкуренција, или од епидемијата на пиратерија која  ги носи во заблуда слабо информираните туристи, преку лажни реклами на дуќани и производи кои не се изработени по тие уникатни заштитени патентирани технологии и  стандарди, а за кои се издаваат и лажни нелегитимни сертификати. – вели Филев.

Примарна работа која му е потребна на градот Охрид и регионот, како еден од најпознатите и најпосетените туристички центри во нашата земја, е квалификуван кадар, вели Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители „Охридски Еснаф“.

Веќе години наназад, угостителите се соочуваат со дефицит од лица со барем минимални познавања од струката (келнери, готвачи, сомелиери, бармени и баристи), кои квалитативно би го подигнале нивото на секторот за неколку скалила. Решението го гледаме во подигнување на свеста за дигнитетот на струката, првично од страна на средните угостителски училишта, како и охрабрување на младите да посетуваат курсеви за бармени и баристи, дури и отворање на соодветна едукативна институција во нашиот град. Имајќи предвид дека зборуваме за преку 200 регистрирани угостителски објекти во регионот, од помал или поголем обем, сметаме дека тоа би била одржлива инвестиција. Сметаме дека треба час поскоро да се воспостави подинамична и поотворена соработка и комуникација помеѓу претставници на фелата и постојните тела од Локалната самоуправа (пр. ТЛЕР), каде би се дискутирало за синхронизација на настани, манифестации и слично, а можеби и формирање на некој нов Економски совет, преку кој би се спровеле во дело визиите на градот за развој и профилирање на туризмот и угостителството на макро ниво.

Ако сакаме да имаме 365 дена туризам во Охрид, мора да се насочиме кон авантуристичките форми кои, пред се, ја ставаат безбедноста на прво место, бидејќи, најголемите ризици по безбедноста на туристите се токму во овој вид на туризам. Ние сме можеби обратен пример бидејќи сме нешто што го нема ниту една друга општина во нашата држава дури и пошироко во регионот, а ние го имаме. Потребна ни е свесност, ентузијазам и желба да направиме промени на она што е општествена одговорност, пред се од страна на  властите, вели Антонио Додевски раководител на Планинската спасителна служба Охрид

Ако генерално треба да зборуваме што му недостасува на Охрид, повеќе имаме да кажеме што е она што не му недостасува. Кога станува збор за планинското спасување може да се пофалиме дека имаме една од најефикасните служби но, она што е клучно а недостасува е свесност на јавноста, особено на политичарите и носителите на функции во градот, за потребите од постоење на ефикасен систем на планина кој нужно мора да е поддржан од властите, затоа што спасувањето во светот никаде не постои на комерцијална база, тоа е едноставно дејност која има големи трошоци  и бара пред се вложување во човечки потенцијал, претставува висока ризична дејност која треба да функционира со цел да спасиме нечив живот или да овозможиме развој на одредени стопански дејности. Пред се за нашиот регион е многу значаен туризмот и она што е тренд во светот, развој на авантуристички туризам. Карактеристика на нашиот регион се 700 метри надморска висина и затоа имаме фантастични услови за развој на авантуристички туризам преку целата година во однос на она што е традиционален вид на туризам кај нас, тоа е летниот туризам којшто трае сезонски околу два месеца. Доколку сакаме да ја продолжиме сезоната, доколку сакаме да имаме туризам во Охрид 365 дена во годината, ние мора да се насочиме кон авантуристичките форми кои пред се ја ставаат безбедноста на прво место бидејќи најголемите ризици по безбедноста на туристите се токму во овој вид на туризам. За среќа имаме инфраструктура, имаме соодветен персонал имаме востановен систем кој еве веќе неколку години покажавме и докажавме дека може да функционира. Она што ни недостасува, дефинитивно е свест, особено кај носителите на јавни функции кои мора да го поддржат ваквиот концепт, вели Додевски.

Во време на светска пандемија предизвикана од Ковид 19, туризмот е гранката која прва настрада, а последна се опоравува. Без малку трета година се соочуваме со рестрикции во патувањата кои се оптоварени од бројни протоколи кои, пак, често се менуваат. За да се подобрат состојбите во туризмот во ваква консталација многу може да помогне вакцинацијата против коронавирусот. На тој начин полека ќе влеземе во фаза на опоравување и, што е многу важно, ќе бидеме безбедна дестинација. Но покрај глобалните процеси кои влијаат на опоравување на туризмот, потребно е да се делува и локално за подобрување на градот како туристичка дестинација, пред се на ифраструктурата истакнува Олег Маленко од ТА „Вис Пој“.

Прво и основно, за подобрување на Охрид како туристичка дестинација, мора да ја решиме патната инфраструктура во Македонија, особено патниот правец Гостивар – Охрид – Св. Наум и Охрид – Битола – Граничен премин Меџитлија. Патната инфраструктура е најголемиот проблем со кој се соочува туризмот во Охрид.  Секако, треба да се внимава на плажите и крајбрежјето кои треба да бидат соодветно и добро уредени, со добро осмислен концепт, од сите аспекти, така што ќе бидат додадена вредност на туризмот во функција на одржлив развој. Посебно внимание да се обрати на Старото градско јадро, да се изградат потпорни ѕидови, секаде каде што е потребно, убаво да се уредат патеките кои водат до најпосетуваните локалитети. Сметам и дека треба да се вратат медиумските кампањи кои ги имавме на светски тв станици како CNN, BBC, Euronews, Eurosport… Tие кампањи се поддршка на нискобуџетните авиокомпании кои оперираат на аеродромите во Охрид и Скопје. Секако ова се само дел од проблемите за подобрување на условите и потребите во дејноста во која работиме, истакнува Маленко.

Н.С.Ј./К.А./Г.М.