Како што дознаваме дел од присутните отворено побарале разрешување на одредени незаконски појави, што според туристичките работници го уриваат имиџот на градот. На средбата туристичките работници добиле уверување дека посочените проблеми ќе бидат решени, со цел да се подобрат состојбите во охридскиот туризам.
Како што веќе објавивме, туристичките работници, а особено агенциите, реагираат на однесувањето на поединци кои според нив вешто заобиколувајќи ги законите остваруваат огромен приход кој не се оданочува. Тие велат дека не се против приватните станоиздавачи кои ги нудат своите капацитети, ниту бараат ексклузивитет за себе во издавањето, туку бараат да се воведе ред кој сите ќе го почитуваат, сместувачките капацитети да бидат категоризирани, да се одредат зони според кои ќе се формира цената на ноќевање, како и да се подмируваат обврските кон општината и државата.