Љубителите на животни алармираат на нов случај на труење на бездомно куче во Охрид. Инцидентот се случил изминатиот викенд во близина на населбата Канео. На немилата глетка и умирањето на беспомошното животно сведочеле странски туристи. Нема официјален став од надлежните служби за случајот.

Затоа, пак, социјалните мрежи се преполни со коментари и жолчни дискусии на темата која е актуелна кај нас подолго време. Граѓани констатираат дека проблемот со бездомните животни во Охрид се провлекува со години, а освен најави дека нешто ќе се направи, отсуствуваат конкретни активности.  Сметаат дека на цивилизирано општество и туристички град кој се стреми да биде светска дестинација, не му доликуваат вакви инциденти. Апелираат до надлежните сериозно да го сфатат проблемот со бездомните кучиња и да почнат да го решаваат на хуман начин.

Здруженијата за заштита на животните со години укажуваат на проблемот со непочитување на Законот за благосостојба на животните и отсуство на механизми за негово спроведување. Законот е само мртва буква на хартија, велат тие, алудирајќи на неговата непримена.

Не постои специјализирана стручна служба која ќе работи одговорно на решавање на проблемот со бездомните животни, а нема ниту стратегија. Од друга страна, свеста на дел од сопствениците на домашни миленици е исклучително ниска. Тие по извесен период ги напуштаат милениците и ги оставаат на улица, што исто така придонесува за зголемување на бројот на бездомни животни во градот. Милениците не се чипираат, а леглата на домашни миленици не се пријавуваат, згора на тоа сето тоа не се санкционира. – предупредуваат тие.

Здруженијата за заштита на животните сметаат дека е неопходно да се формира соодветна служба, дури и полиција за животни, која сериозно ќе се зафати со решавање на проблемот со бездомните животни, но и со третманот на домашните миленици и неодговорните сопственици, со што првенствено ќе се зголеми безбедноста на граѓаните и посетителите, а животните хумано ќе бидат третирани. За тоа, сметаат тие, неопходна е пред се политичка волја, која, според нив, отсуствува.

Постојат меѓународни фондови од кои може да се финансира работата на специјализирана служба која ќе се справува со бездомните животни, но некој треба да работи на привлекување на таквите средства. Дополнително општините се обврзани со закон да издвојуваат средства од буџетите за оваа проблематика. – вели љубител на животни.

Проблемот со бездомните животни е присутен на поголем дел од Балканот, каде општествата се’ уште се борат со сериозни проблеми, како што се нискиот стандард, невработеноста и пристојна егзистенција. Но, тоа никако не смее да биде алиби на одговорните институции да ги занемаруваат другите проблеми, како што е третманот на животните, дотолку повеќе што човекот како најинтелигентно битие кое е на врвот на планетарната пирамида има одговорност да се грижи за животната средина и останатиот жив свет, велат љубителите на животни.

Г.М.