По изјавите на вицепремиерот Битиќи и министерот за економија Бектеши, дека во петтиот пакет мерки, финансиската поддршка за плата, може да биде заменета со бескаматни кредити, реагира  туристичкиот сектор, од каде велат дека предложеното решение, е неприфатливо.

Како е можно кога после една година тотален колапс на туризмот, во време кога не знаеме дали во наредните 3 месеци ќе имаме егзистенција, бидејќи нема подобрување на повидок, да добиваме кредити наместо помош? – прашува секторот.

Според туристичките агенции, помош со бескаматни кредити, не е помош. Сметаат дека правното лице без разлика дали имало негативен резултат на крајот на годината, треба да може да ја добие помошта.

Финансиската поддршка за плата се покажа како една од најдобрите мерки на државата за спас на работните места кои дадоа надеж дека ќе се преживее и со тие минимални примања кои не се доволни за да се опстои, но сепак значеа сигурност и спокој за вработените додека да дојде момент повторно да се функционира. Сега туризмот е оставен на милост и немилост. Нема можност за работа, границите ни се затворени, никој воопшто не го покренува прашањето за преговори за отворање на границите до летниот период за да може секторот сам да се опорави за да не му е потребна помошта од државата. – велат од туристичкиот сектор.

Туристичките агенции апелираат веднаш да се врати финансиската исплата на плати во новиот пакет. Тие се задоволни од грантовите и финансиската помош во 2020 година и бараат тие да продолжат.

Грантовите беа во вредност од 1500 до 7000 евра, а во просек најнискиот трошок на една туристичка агенција за режиски трошоци без покритие на плати е 18.000 евра. И доколку се навратиме на тоа дека падот на прометот е над 90%, како да се покријат овие трошоци?. Грантовите помогнаа, но не можеме да кажеме дека беа доволни за овие компании сега сами да ги покриваат трошоците за плати. Наместо да се разгледува проблемот зошто одредени компании што имаа вработени на определено пример месец два и три, а истите не ги отпуштија, туку договорот им завршил и од таа причина беа изземени од помошта за плати, овој пат да бидат земени во предвид за финансиска помош за плати, истата се прекинува. – се наведува во соопштението на туристичките агенции.

Тие предупредуваат дека доколку нема континуитет во помошта додека трае ковид кризата, залудна ќе биде и зминатата помош за туристичкиот сектор бидејќи многу субјекти можат да згаснат.

OhridNews