Итно продолжување на мерката финансиска поддршка за плата, навремено и во континуитет, без изоставување на месецот јануари, запазување на роковите за донесување на истата, со цел да не се создава постојана неизвесност и губење на работни места, бараат од туристичкиот сектор. Тие сметаат дека не треба намерно да се скокнуваат месеците, бидејќи секој месец се зема плата, а стигнуваат опомени за блокирање на сметките ако не бидат исплатени, а се разбира секторот веќе една година не функционира и нема од каде да ги исплатува вработените.

Состојбата со КОВИД 19 покажува намалување на бројките и стабилизација, па затоа сметаат дека условот за 50% исполнетост на автобусите за туристички тури, треба да се врати на 75% или на 100% исполнетост, со оглед на тоа дека во другите земји не постои никакво ограничување и нема никаква логика да остане на сила оваа забрана, наведуваат од секторот.

Авионските компании и во екот на пандемијата сообраќаа со целосна исполнетост на нивните авиони, па зошто да не можат и автобусите, прашуваат тие.

Во време кога се трудиме да изработиме било што, ограничени сме со работа поради автобусите. Платежната моќ на граѓаните е намалена поради кризата, не можеме да ги покачиме цените и дополнително одиме во нови загуби, велат од секторот.

Туристичките агенции се` уште се соочени со големи ограничувања и се спречени да работат во нормални услови, па затоа сметаат дека за да опстои секторот и работните места, треба безусловно да се продолжи помошта од државата, додека не се создадат услови за повторно функционирање.

OhridNews