Граѓаните на Охрид сочуствуваат со семејствата на настраданите во големата несреќа што на 5-ти септември се случи во водите на Охридското Езеро. Според нив големата трагедија која однесе петнаесет човечки животи треба да биде сериозна опомена за сите. И дел од експертите јавно проговорија за хаосот што владее во Охридското Езеро. Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки, деновиве изнесе теза дека е неопходно да се донесе нова регулатива со која ќе се уреди одвивањето на водниот сообраќај. Потребата од донесување соодветна законска регулатива тој ја поткрепи со зголемениот број на пловни објекти на Охридското Езеро (2500), недоволната техничка опременост на бродовите и Капетанијата и недостигот на подзаконски акти кои треба да го уредат водниот сообраќај.

Реагираат и граѓаните, кои исто така  сметаат дека е неопходно да се донесат нови правила на пловидба. Охриѓанецот Зоран Николоски, преку „Ohridnews“  изнесува конкретен предлог, кој според него, може да придонесе за избегнување на езерските несреќи.

Туристичката сезона заврши. Но проблемите остануваат, вели граѓанинот, според кого, проблемите и натаму ќе останат доколку со закон не се елиминираат причините за нивно појавување. Според него причина за поголемиот дел од непријатните случувања е факторот човек.

Како би се решиле поголемиот дел од проблемите ?
1. Испловувањето на пловните објекти да биде од точно означени места  
во присуство на надлежен орган.
2. Задолжително носење на заштитни елеци на секој присутен во
    пловениот објект ( бродови, глисери, кајчиња, скутери, педалинки,    
    сандолинки итн ).
3. Посебна дозвола за ноќно пловење која за помалите пловни објекти би
     се издавала само одреден број пати во текот на сезоната.
4. Зајакната контрола во текот на целиот ден и ноќ од надлежните органи.
5. Ригорозни казни за непочитување на прописите.
    На пример – Забрана за пловење во текот на целата сезона, одземање на  
    дозвола за пловење, високи парични казни и слично.

Со овие, а и други мерки и прописи кои би ги предложиле надлежните органи би се ставил ред во Охридското езеро, вели Николоски. Се надевам дека овој текст ќе послужи како основа за рамислување на сите оние кои сакаат да помогнат во иднина да се намалат проблемите во Охридското Eзеро, а Охрид да биде што посигурна дестинација за сите туристи, а и за нас, додава читателот.

Ohridnews