Зголемен интересот за летување на охридско-струшкото крајбрежје, а букирани се и месеците септември и октомври, не 100%, но многу повеќе за разлика од минатата година рече претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски денес по состанокот во Струга со министерот за економија Крешник Бектеши на кој беше дискутирано за субвенциите во овој сектор за 2024 година.
На состанокот беа дадени повеќе предлози, ќе се направи еден концепт кој ќе биде за брзо објавен. Позитивно е да се направат промени зошто знаеме субвенциите ги имаме веќе од 2010 година до ден денес, само требаше да се усмерат некои делови од тие на правилни места како би добиле сите многу повеќе од тие субвенции. Се работи за некоја иста бројка, зголемување на странски гости се очекува во наредните години и самопривлекување и користење на тие средства во правилна насока. Дел од субвенциите дадено е предлог да одат и на хотелите, дел да се пренасочат, односно да ги вклучат и домашните туристи во одредени периоди на годината и да продолжат за тур операторите кои ги носат странските туристи, но да има корекции на сумите кои беа давани на пример за холандскиот, германскиот, полскиот пазар…Тие ќе се усогласат, ќе одат дирекно како што одеа претходно, а дел е побарано да одат преку хотелите со цел истите да бидат употребени и за корегирање на плати, подобрување на условите за пречекување на гости и подобрување општо на сите услови кои треба да се пружат, рече Блажевски.
Оваа година, додаде, нема да има некои значителни затворања на капацитетите, освен хотелите кои не можат да функционираат зимскиот период, но, ќе биде многу помал бројот на затворени хотели. Потенцираше дека кадарот останува проблем и понатаму.
Беа дадени некои предлози како може да се задржи истиот, а со оглед дека изминативе години веќе работат млади лица до 16-17 години кои треба да стекнат исксутво и за да не ги испуштиме и нив да одат во странство дадени се предлози како да ги задржиме. Меѓу нив на пример придонесите за платата да бидат субвенционирани, додава Блажевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека сезоната во охридско-струшкиот регион беше успешна земјќи ги предвид и податоците објавени од Државниот завод за статистика кои говорат дека над 40% има зголемување на странските туристи од првиот до шестиот месец, а согласно сите податоци добиени денес по средбата со претставници од ХОТАМ овој тренд на зголемување на туристи се очекува да продолжи и понатаму.
И токму во оваа насока Министерството за економија и Владата веќе почнаа да изработуваат нови програми се со цел да му се помогне на хотелиерството на ниво на државата за подобрување на условите, а со подобрување на условите секако да примиме што повеќе туристи кои би биле повеќе задоволни, а секако и подолго би престојувале во нашата држава. Тоа би го направиле и преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции каде што една од можностите е да се вклучи и секторот Угостителство и Хотелиерство како директна поддршка во вид на грантови во дополнителни инвестиции, во подобрување на услови и слично, а секако дека како поддршка би можело да биде и со измена и дополнување на постоечкиот Правилник за субвенционирање каде што еден дел од средствата кои се делат од страна на владините институции да останат директно кај хотелиерите, а тие средства да би можеле да се користат за дополнителни инвестиции, додаде Бектеши.
Н.С.Ј.