Несреќата што на 5-ти септември се случи во водите на Охридското Езеро, кога при потонување на бродот „Илинден“ се удавија петнаесет бугарски туристи, можела да се избегне доколку групата имала лиценциран локален водич, а инспекциските служби совесно си ја работеле својата работа, смета Стопанската комора за туризам на Македонија.

-Доколку групата туристи од Бугарија имала локален водич, тој  ќе  знаел колкав е капацитетот на бродот со што можеби можело да се влијае на избегнување на трагедијата, беше изјавено на прес конференција на Комората што се одржа во Скопје.

Не е јасно зошто Стопанската комора за туризам дури по пет дена се огласи со сериозни критики на сметка на туристичката понуда на Охрид, особено и поради фактот, што несреќната група туристи имала локален туристички водич со уредна лиценца од Факултетот за туризам издадена во 2006 година. Во регистарот на туристички водичи на град Охрид под реден број 19 регистрирана е Наумка Јолеска – лиценциран туристички водич која кобниот ден ја придружувала групата бугарски туристи.

Ohridnews