Спасувачките операции продолжуваат во областите погодени од разорниот земјотрес кој во понеделникот ја погоди Турција, а службите известуваат дека денеска пронајдени и извлечени од под урнатините се четворица преживеани, од кои три деца.

Првично беше соопштено дека спасено е девојче во Хатај. Министерот за здравство Фахретин Коџа изјави дека спасувачките тимови успеале да извлечат живо девојче, на возраст од три до четири години од под остатоците на урнатата зграда во градот Хатај, јужна Турција, јави државната телевизија ТРТ-Хабер. .

Детето е спасено 150 часа по првиот разорен земјотрес на 6 февруари со јачина од 7,7 степени, што сите го дефинираат како вистинско чудо. Девојчето било пренесено во болницата „Сахра“ во Хатај.

Градот Хатај и истоимената област буквално се збришани по разорните земјотреси на 6-ти февруари.

Чудо во 150. час. Детето пред малку беше спасено од наши екипи. Надеж секогаш има, изјави Фахретин Коча.

Малку подоцна ТВ ТРТ-Хабер информираше дека седумгодишно момче во градот Адјаман, кој исто така е меѓу најпогодените подрачја од природната непогода, било спасено во 152-от час (од земјотресот во 4 часот и 17 минути. на 6 февруари).

Сите турски медиуми спасувањето на малиот Хаџи Ахмет го дефинираат како „ново чудо во Адјаман“.

Неколку минути подоцна, беше објавено и дека едно момче и неговата мајка биле спасени од урнатините на урнати блок во градот Антакија, округот Хатај.

Според Анадолија, малиот Јомер бил извлечен од под урнатините на урнатиот блок утринава во 9:20 часот, а спасувачите подоцна успеале да ја извлечат жива мајката на Јомер од под урнатините.

OhridNews