Силни реакции предизвика информацијата дека Александар Толески повеќе не е тренер на второлигашот Охрид.

Од денеска г-динот Александар Толески престанува да ја врши функцијата тренер во клубот.

Му се заблагодаруваме на чесниот и достоинствен однос кон боите на клубот.

Максимално учествуваше во давањето поддршка на младите играчи од нашиот град, што крајно е наша врвна цел, а ние како управа ги донесовме во клубот, можеби резултатите не беа на наше очекувано ниво.
Ние како клуб сакаме да воведиме нова енергија во тимот, а тоа се прави со промени за воведување позитивна атмосфера. Аце сигурно во иднина ќе има шанса пак да ја води екипата, затоа што како човек и тренер го заслужува тоа!

Аце, ти посакуваме многу успех и среќа понатака, соопшти непосредно по завршување на сезоната ГФК Охрид Лихнидос.

Доскорешниот тренер на “белите”,Александар Толески, по неколку дена го прекина молкот и во јавно обраќање преку медиумите истакна дека клубот не го напуштил по своја волја.

Од “ГФК Охрид Лихнидос” Александар Толески не се повлече своеволно туку му беше соопштено од управата дека повеќе нема да биде тренер, вели во јавното обраќање Александар Толески.

Според него, наведените причини за неговото заминување од клубот биле неосновани.

Мојата работа и резултат во “ГФК Охрид Лихнидос” беше јавна, генерално позитивно оценета и прифатена од најголем дел од охридската јавност и пошироко.

Сега како разрешен тренер на “ГФК Охрид Лихнидос” со чист образ и крената глава им се заблагодарувам на сите мои поддржувачи, пријатели, роднини, искрени љубители на клубот, навивачката група РИБАРИ и пред се на моето семејство кои изминатава година ми даваа безрезервна поддршка на најразлични начини (пораки, јавувања, честитки, меѓусебни средби…). Без нивна поддршка како и без поддршката на играчите (нивната борбеност и залагање) немаше да имаме коректна фудбалска сезона со освоени рекордни досега 45 бода и со освоено високо петто место, три места повисоко од минатата година, кое место носи и многу повреден финансиски ваучер за наредната сезона.

Коректна сезона во која продефилираа и истакнаа многу охридски деца како никогаш претходно (на што сум посебно горд) кон што треба да се стреми клубот и во иднина, бидејќи допрва од младинските школи доаѓаат многу талентирани генерации кои треба да се негуваат, да се зачуваат, генерации кои многу добро ги знам и познавам (со повеќето и сум соработувал) и кои се иднината на овој клуб па и пошироко.

За крај на “ГФК Охрид Лихнидос” му се заблагодарувам за укажаната доверба и му посакувам многу успеси, да застане на здрави нозе, да се ценат стручните, чесни, работливи и лојални луѓе, кои најискрено сакаат да помогнат, и му мислат само добро на клубот.

Од срце Ве поздравувам “Напред Охрид, во срце те носам” секогаш искрено тука за вас,встои во допирот на Александар Толески до медиумите.

За состојбите во ГФК Охрид преку официјалната Фејсбук страна на клубот се обрати првиот човек на клубот Данчо Целески. Официјалниот став на клубот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи каде деновиве се води вистинска вербална војна за случувањата во ГФК Охрид. Освен незадоволство се искажува и револт за состојбите во охридскиот фудбал кој е далеку од посакуваното ниво и желбите на вљубениците во најважната споредна работа во светот.

Г.М.