Повеќе од 45 учесници дел од првата тура околу Охридско Езеро со електрични велосипеди што денес се одржува по повод 21 Јуни, Денот на Езерото. Велосипедистите турата ја започнаа од градскиот плоштад во Охрид движејќи се кон Струга каде попатно застанаа кај Црн Дрим, по што следеше искачување кон граничен премин, па пауза кај Поградец, Тушемишта.
Во турата симболично се опфатени посетата на Црн Дрим во Струга каде реката излегува од Охридско Езеро, но и изворите во Свети Наум, од каде групата продолжува со посета на Градиште и Заливот на коските, по што следи враќање на почетната позиција во Охрид.
Целта е да се одбележи Денот на Охридското Езеро и да се подигне јавната свест за неговата заштита, за заштитата на природата, но и за здрав живот и позитивна енергија. Ова е бесплатна тура која годинава се организира прв пат за одбележување на Денот на Охридско Езеро и промоција на велосипедите. Пред и се се дружиме, а компанијата ги покрива комплетно трошоците. За наредната година имаме цел да ги поканиме луѓето што немаат прилика или немаат можност да си дозволат да дојдат на една ваква тура со електрични велосипеди и да им го овозможиме ова. Да им пружиме нешто што сакаат да го доживеат, вели сопственикот на компанијата „E-power“, Блаж Стефанија.
Планирано е одбележувањето на овој ден да продолжи и во иднина и оваа велосипедска тура со електрични велосипеди да прерасне во традиција.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска