„Иако ние се расправаме со многу значајни политички прашања и тоа дури и претерано оптоварувачки за граѓаните во Македонија и воопшто за нацијата, додека не се концентрираме на економскиот развој ќе останеме во криза, а кога сте високозагрозена земја, никој економски нема да ви помогне“, изјави во Охрид, Васил Тупурковски.

Тој смета дека Македонија тешко може да се заштити од светската финансиска криза и оти во глобалната економија, на Македонија не може да се гледа како на оаза. „Тоа треба да и се каже на јавноста. Треба да се предвидат последиците што ќе се  случат и да се подготват граѓаните за уште потешки години на економски и финансиски план“, оцени Тупурковски.

„Се разбира, рече тој, секоја криза има мотивирачки елементи и верувам дека е возможно во Македонија бранејќи се од најтешките последици да сфатиме дека треба да одиме во експанзија во развој, дека не можеме  да сметаме само на странски инвестиции“.Тупурковски кажа  дека  ни е неопходен развоен, потрошувачки буџет преку кој ќе се одржува одередена кондиција за да се извлече економијата во овие тешки години и за да може таа повторно да се надградува.

Васи Тупурковски во моментов е надвор од политиката. „Се повлеков зашто се изменија околностите. На крајот од краиштата не ми беше тешко да признаам дека  претрпев политички пораз во демократски избори иако имаме проблем изборите во Македонија да ги крстиме демократски“, објасни професорот по меѓународно право и претседател на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски.

„Кога ќе се случи такво нешто, тие што водат, тие што се лидери треба да ги признаат околностите и да ја преземат одговорноста. Тоа го направив и јас и сега сум надвор од политиката“, кажа Тупурковски во Охрид.

Ohridnews