– Оваа Комисија стои на ставот дека патрониот празник на градот Охрид е Свети Климент Охридски-патрон на градот 8-ми декември и друг не може да е. За друг празник да биде патронен празник треба да донесе одлука Советот, но ниту сме имале такво барање, ниту дошло на дневен ред, изјави Томислав Тунтев – претседател на Комисијата за доделување награди и признанија, одбележување манифестации и прослави на Советот на општината.
Тој рече дека градоначалникот и локалната самоуправа имаат легитимно право, одредени манифестации кои заради објективни причини не можат да бидат изведени во текот на дводневната прослава на зимски Св. Климент, да биде поместено нивното одржување во лето на 9-ти август. „Пред се од објективни причини заради присуство на делегациите од нашите збратимени градови, бидејќи сега не е возможно освен преку Цирих со авион некој да дојде во Охрид и сметаме дека заради тоа одреден дел од манифестациите може и би требало да се одржуваат во лето, но одбележувањето на Св. Климент останува на 8-ми декември“, додаде Тунтев.
Ваквите ставови на Тунтев доаѓаат по неодамнешните најави на локалната самоуправа за промена на датумот на одбележување на Св. Климент. Со тоа, смета локалната, ќе му се даде поголемо значење на празникот, кој во лето се одбележува и помасовно од народот.
– Народното големо празнување со масовна посетеност на Свети Клементовите храмови во Охрид, од дамнина било на 9-ти август. Тогаш се одбележува Денот на Св. Климент Охридски Чудотворец и истовремено празникот Седмочисленици (седумте ученици на Св.Кирил и Методиј) како и празникот Св. Великомаченик Пантелејмон кому Св. Климент Охридски му го посвети својот манастир на Плаошник. Единствено на овој ден се изнесуваат моштите на светецот на поклонение пред народот. На овој датум во 2002 година е осветен и Плаошник, велат од локалната самоуправа.
Од локалната сугерираа и дека “е време надлежната комисија на Советот да предложи, а Советот на општината да донесе одлука за прогласување на 9-ти август за официјален Ден на општината, па тогаш да се одвиваат и сите свечености што ги организира градот славеник“.
Но, до Комисијата за доделување награди и признанија, одбележување манифестации и прослави на Советот на општината, не стигнал ваков предлог, изјави нејзиниот претседател Томислав Тунтев.