Тоа што се случува на Плаошник е големо зло – бескрупулозен атак врз најсветата, најзначајната и со векови најзаштитената локација во Охрид, обвини на денешната прес конференција претседателот на општинската СДСМ, Томислав Тунтев.
– На Плаошник, или Имарет се случува страшна и безмилосна армирано-бетонска узурпација и девастација на вековниот духовен простор. Се врши сквернавење на нашите историски и традиционални духовни и световни вредности. Наместо да ја негуваме традицијата и да го исполниме светиот завет на нашите славни предци, на Плаошник никнуваат бетонски чудовишта, на неколку спрата, рече Тунтев.
Тој потсети дека според проценките на надлежните, комплексот ќе содржи вкупно 23 објекти, неговата изградба треба да заврши до 2016 година, што државата, официјално, ќе ја чини околу 24 милиони евра.
– Во неколку наврати надлежните не’ информираа дека во рамките науниверзитетскиот комплекс ќе функционираат фалултети, институти, библиотеки, галерии и градини. Но, до овој момент, не постои апсолутно никаква активност со која би се потврдила реализацијата на ваквите најави – дали ќе има и кои факултети ќе бидат овде, со колку студенти, кои и какви експерти и од кои светски универзитети ќе предаваат, зошто не постојат никакви индикации или потврди дека теолошкиот факултет или институтот за хуманистички науки ќе бидат префлени овде. Никој ништо не знае, никој ништо не кажува. А ние слушаме дека овде се градат резиденцијални објекти за живеење, репрезентативни објекти за протоколи, комерцијални туристички и угостителски објекти и слично, додаде Тунтев.
Претседателот на СДСМ потенцира дека надлежните институции од власта на ДПМНЕ сеуште не се огласиле со соопштение или информација до јавноста во врска со неодамнешната посета на експертите од УНЕСКО, за која јавноста има право да знае.
– Нивната посета воопшто не беше случајна или редовна, каква што сакаа да ја прикажат властите во нашата држава, туку беше иницирана од мегаломанските градежни зафати и атакот врз старото градско јадро. Ако не е така, тогаш зошто одговорните лица од државните и општинските институции одбија да дадат било каква изјава за одржаните средби и зошто меѓусебните разговори сеуште се држат во тајност, рече претседателот на ОО на СДСМ.
Тунтев праша зошто се тврдело дека неодамнешната посета на експертите од УНЕСКО на Охрид е редовна и вообичаена, кога во прашање била наменска посета, поради масивните градежни зафати на Плаошник. Дали експертите од УНЕСКО се запознаени со фактот дека градењето на масивните бетонски објекти на Плаошник не се одвива во согласност со усвоен Детален урбанистички план и зошто токму тој ДУП сега се сака да биде донесен без јавна расправа.Дали е вообичаена практика кај другите заштитени природни и културни реткости во светот да не се прашува локалното население за мислење и став по однос на преземање градежни активности од ваков обем. Дали до УНЕСКО е пренесен ставот на опозицијата дел од граѓаните кои се против случувањата на Плаошник.
ОО на СДСМ Охрид ги повика релевантни фактори да се стопира изградбата на Плаошник и да се отвори јавна, стручна и научна расправа за оправданоста на проектот.
OhridNews