Членот на Советот на Општина Охрид, д-р Томислав Тунтев во отворено писмо до јавноста се оградува од настапот на членовите на граѓанската иницијатива за спас на Сараиште и МЗ „Стар град“, кои вчера на прес конференција побараа реализација на урбанистичкиот план за плажата и нејзино осмислување како слободна зона без угостителски објекти и слични комерцијални содржини. Според Тунтев граѓанската иницијатива е злоупотребена од како што се наведува во писмото, неколку лица. Во реакцијата на советникот Тунтев понатаму се вели:
“Со индигнација се оградувам од ставовите кои беа изнесени на т.н.  прес конференција, организирана од страна на неколку лица, кои немаат никаква врска со месноста Сараиште, и кои ја злоупотребуваат иницијативата за остварување на свои, приватни цели и ситно-партиски интереси. Ова истото се однесува и на поголемиот број семејства кои живеат во месноста Сараиште, кои се многу непријатно изненадени од еден ваков непринципиелен и фингиран настап на одредени лица, кои ја злоупотребија довербата на огромен број жители на Сараиште и МЗ Стар Град.

Многу е жалосно една спонтана, искрена и вистинска граѓанска иницијатива на преку илјада наши сограѓани, кои минатото лето јасно го изразија својот став против издавањето на месноста Сараиште под концесија, сега да се злоупотреби во служба на незаконско, односно правно и урбанистички неиздржано задоволување на личните интереси на само неколкумина од иницијативата. Поаѓајќи од фактот дека споменатата иницијатива за зачувување на Сараиште беше од општ интерес за огромен број граѓани и гости, зад неа целосно застанаа и ја  поддржаа сите советнички групи во Советот на Општина Охрид, Градоначалникот на Општина Охрид, пратениците во Собранието на Република Македонија од Охрид, Заводот и Музеј од Охрид, Агенцијата за промоција и поддршка за развој на туризмот, Управата за заштита на културното наследство и многу други правни и физички лица. Таквата инцијатива вроди со плод, на задоволство на сите што беа инволвирани во нејзината реализација.

Поради тоа, ваквиот обид на неколкумина, да ги остварат своите лични интереси затскриени зад истата иницијатива, со која овој чин нема никаква врска, претставува чин за осуда од страна на сите вистински и искрени учесници во спроведената иницијатива. Никој и во ничие име не може и не треба да се издигнува над законските прописи и самоволно и на сила да иницира измени во планското урбанистичко уредување во Охрид. Јас, како советник, положив заклетва дека ќе ги почитувам законите на нашата држава и ќе се заложувам  за интересите на граѓаните од Општина Охрид, што претставуваат општ и недвосмислен општ интерес за сите граѓани во нашата општина. Затоа, во свое лично име, како и во име на најголемиот број граѓани – поддржувачи на Граѓанската иницијатива за спас на Сараиште, го изразувам своето огромно  незадоволство и протест против ваквата евидентна и несомнена злоупотреба на иницијативата и изиграната доверба на граѓаните кои беа нејзини подржувачи“, стои во писмената реакција на д-р Томислав Тунтев -член на Советот на Општина Охрид.

Ohridnews