Планираме гасификација на Охрид со која придонесуваме за почиста животна средина, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и намалување на трошоците за енергенси, најави денес пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев.
– Гасификацијата значително го подобрува стандардот на граѓаните, ја зголемува конкурентноста на домашните компании и позитивно влијае врз атрактивноста на Македонија како инвестициска дестинација. Со гасификацијата на Охрид придонесуваме за намалување на огромните сметки за електрична енергија со што секој граѓанин заштедува значителни средства од семејниот буџет, рече Тунтев.
Тунтев потенцира дека со цел здрава животна околина, пониски трошоци и економски развој на општината, предвидено е да се донесе гас до секое училиште, амбуланта, детска градинка институција, до сите фирми и до секое домаќинство во Охрид.
– Гасификацијата на Охрид значи и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух кој секојдневно го дишеме. Имаме достапен и отворен партнер во владата на РМ за реализација на овој многу важен инфраструктурен проект, добиваме поддршка во мобилизирање на професионалниот и стручен кадар во земјава кој ја планира енергетската независност и стабилност во државата. Од град кој традиционално се затоплува со огревно дрво, електрична енергија и нафта, Охрид ќе прерасне во град кој поефикасно, поекономично и еколошки почисто ги користи ресурсите, нагласи Тунтев.