„Кога конечно и како ќе биде решен крајно сериозниот проблем во ЕМО Охрид, односно кога и како ќе и‘ биде ставен крај на агонијата на работниците од ЕМО?!“ – вака гласеше пратеничкото прашање што пратеникот Томислав Тунтев му го постави на премиерот Никола Груевски на вчерашната седница на Собранието на Република Македонија посветена на пратенички прашања.

„Кога дознав дека ќе имам прилика да Ви поставам прашања како пратеник што доаѓа од Охрид, прво што ми падна на памет беше прашањата да бидат во врска со загрозувањето на природното, културното и историското наследство на Плаошник со масивните армирано-бетонски чудовишни зданија, или со загрозувањето и уништувањето на Студенчишкото блато, или пак со узурпацијата на имотите во Љубаништа со т.н. туристички развојни зони за Субрата Рој. Сепак, во мене преовлада една четврта тема, многу тешка и болна за безмалку 200 семејства во Охрид – за долгогодишната голгота на луѓето што се вработени во некогашниот охридски индустриски гигант ЕМО Охрид“ – го започна  пратеникот Тунтев  своето пратеничко прашање упатено до премиерот Груевски. Во образложението на своето прашање, Тунтев се осврна случувањата со работниците, односно со претставниците од синдикатот во ЕМО во изминатата година, во врска со нивната борба за остварување на нивните права. Притоа, Тунтев ги спомна неисплатените плати и придонеси за 40 месеци, неизвесноста за иднината на фирмата и како што рече, празните безбројни ветувања од првите луѓе на локалната власт во Охрид и на централната власт, како и бројните организирани мирни протести на работниците и поднесените кривични пријави од СВР Охрид за криминал против дел од поранешното раководство на ЕМО поставено од актуелната власт.

Одговарајќи на прашањето, премиерот Груевски ги повтори заложбите на Владата да го реши горливиот проблем со вработените во ЕМО, при што повторно го истакна интересот на една германска фирма за отворање на сопствени производствени капацитети во ЕМО, како и можноста за трансфер на одреден дел од вработените во МЕПСО. На тој начин, би се решил проблемот со околу две третини од вработените во ЕМО, и дека ќе продолжат напорите за изнаоѓање со соодветно решение и за преостанатите работници, посочи Груевски.

Пратеникот Тунтев, изјаснувајќи се во однос на добиениот одговор, рече дека кај него има скепса и сомнеж во намерите и капацитетот на власта да го реши овој проблем, затоа што, како што истакна, идентичен одговор, како овој, добивале работниците во ЕМО при секоја средба со надлежните институции. „Идентичен ваков одговор им дадовте на луѓето од ЕМО и пред 10 месеци, кога одговаравте на пратеничко прашање, и пред 6 месеци, кога остваривте средба со нив, но оттогаш ништо не е сменето на подобро… напротив, состојбите во ЕМО само се влошуваат и се комплицираат“ – го заклучи Тунтев своето обраќање.

Инаку ова беше прва седница на пратенички прашања на овој состав на Собранито на Република Македонија на која учествуваа и пратените од опозцијата, кои година и половина ја бојкотираа работата на парламентот.

OhridNews