Нобеловата награда за мир во 2015 година е доделена на Туниската четворка за национален дијалог за нивниот придонес за градење демократија по ткн револуцијата на јасмините во текот на Арапската пролет. Тие основаа алтернативен политички процес во времето кога земјата беше на раб од граѓанска војна и му овозможија на Тунис да воспостави уставен поредок.

„Примерот на Тунис ја препозна вредноста на дијалогот и чувството на национална припадност во регион обележан од конфликти“, велат од Норвешкиот нобелов комитет.

Комитетот изрази надеж дека овогодинешната награда ќе придонесе за самоодржлива демократија во Тунис и дека ќе биде поттик за оние кои го промовираат мирот.

„Повеќе од сé, намената на наградата е да се охрабри народот во Тунис“, велат од комитетот.

Туниската четворка е составена од Генералниот работнички синдикат, Конфедерацијата на индустрии, пазар и занаетчии, Лигата за човекови права и Редот на адвокати.

Наградата нема да замине кај ниту една организација посебно, туку се наградува дијалогот што успеале да го воспостават, појаснуваат од комитетот.

Нобеловата награда за мир е единствена што се доделува во Осло, на 10-ти декември, на годишнината од смртта на основачот на фондацијата, Алфред Нобел, додека другите награди се доделуваат на истиот ден во Стокхолм.

OhridNews

извор Макфакс