Една туна била продадена на аукција на рибниот пазар во Токио за рекордни 736 илјади долари. Рибата тешка 269 килограми која била уловена недалеку од северната јапонска префектура Аомори, ја купил сопственикот на ланецот суши ресторани ”Susi-Zanmai”, Кјоси Кимура. Таа е најскапо продадена туна во историјата на Јапонија. Досегашниот рекорд од 423 илјади долари бил постигнат минатата година за туна тешка околу 342 килограми.

Со оглед на тоа што околу еден килограм од оваа риба чини 2736 долари, едно парче суши може да чини и до 50 долари, но сопственикот на ресторанот рекол дека сушито ќе се продава по регуларна цена од 5 долари. Кимура објаснил дека сакал да ја добие најдобрата туна, а со тоа да им овозможи на гостите во својот ресторан да уживаат. Во Јапонија се конзумира околу 80 проценти од вкупно уловената туна во светот, пред се во форма на суши, а најскапиот специјалитет е од црна туна и е уште познат како „црн дијамант“, затоа што оваа врста риба е многу ретка.