Иако повеќето од нас мислат дека туберкулозата е болест на која се сеќаваат веројатно само нашите дедовци и баби, сепак таа постои и денес, во 21-виот век. Годишно од оваа заразна болест во светот умираат преку еден милион луѓе. Иако кај нас има релативно мал број заболени од ТБЦ (во Македонија 658 во 2006 година, а во Охрид 22) сепак според зборовите на д-р Славица Петровска, специјалист пулмофизиолог, „туберкулозата е стара дама во ново руво, заразна болест која се пренесува релативно лесно, воздушно, преку кашлање, кивање, па дури и викање. Најчесто туберкулозата ги зафаќа белите дробови, но може да зафати било кој дел од телото.“
Најризични региони во светот, каде болеста е често присутна се Африка, Азија и делови од бившиот советски блок. Се смета дека 2 милијарди луѓе се заразени со бактерија на туберкулозата
„Меѓу најзагрозените групи, најподложни кон зараза со ТБЦ се носителите на ХИВ и болните од СИДА“ – додава д-р Петровска.
Во просториите на Црвениот крст, Охрид беше одржана прес конференција на која претседателот на општинскиот Црвен крст, д-р Сашо Точко и д-р Славица Петровска, во кратки црти презентираа дел од националниот и локалниот план за борба против туберкулозата (ТБЦ).
Др. Точко и др. Петровска на денешниот press
Светскиот ден на борба против туберкулозата 24 март, годинава ќе биде одбележан под мотото „Со заеднички сили до свет без ТБЦ“ . Во рамките на своите активност општинскиот Црвен крст ќе обучи 15 волонтери, кои потоа ќе ги посетуваат руралните краишта од околината на Охрид (33 села) каде е поголем ризикот од заболување. Со едукација и со поставување „клучни прашања“ волонтерите ќе им помагаат на жителите да ги сфатат опасностите кои ги носи туберкулозата и да им посочат како најлесно да препознаат симптоми и да превенираат.
Целта на општествената мобилизација е бројот на заболени од туберколоза до 2015 година да се намали во однос на 1990, а до 2050 година оваа болест целосно да ја нема.
По повод светскиот ден на борба против туберколозата, утре Здружението на лекари од Охрид ораганизира трибина на која ќе стане збор за стандардите во лекувањето на оваа болест, која по појавата на некои полирезистентни форми во последно време СЗО ја прогласи за втора потенцијална опасност по човекот веднаш по птичјиот грип.
С.К./Г.М.