Годините (1922-1925) што Марина Цветаева, за кои мнозина зналци велат дека е едно од најзначајните поетски имиња на дваесетиот век, ги поминува во бегалство во Прага, се тема на најновата книга куса проза на Ристо Лазаров.
Книгата започнува со кажувањето на Цветаева “Во моите песни е мојот живот”, по што, авторот, забележувајќи дека има патишта по кои се врви без да ги избереш и дека тоа Цветаева го сфаќа рано, го поставува прашањето: којзнае дали Марина Цветаева беше вистински бегалец, или привремено си замина од руската литература – за навек да остане во нејзиниот врв.
По пристигнувањето во Прага Цветаева веднаш ќе им пише на пријателите во Москва: Живеам во Чешка, недалеку од Прага, во селска куќа. Овдешниот мој живот е сличен на московскиот, мислам на секојдневието, дури можеби и постегнат – но на семејството му се придружија и стиховите и природата. Со месеци никого не гледам. Вело претпладне пишувам и шетам: планините наоколу се чудесно убави.
Всушност, целиот живот, а и во прашките денови – Цветаева е – маченица. Дали е маченица отшто е поетеса или е поетеса отшто е маченица? Или, просто: судбина. Како и да е, нејзиното творештво е неразделно од нејзиниот маченички живот. Самата често се утешува: наречниците и одредиле трагична судбина.
Книгата “Цветаева во Прага” има необичен формат и изглед, а содржи и куси фрагменти од нејзината преписка со Борис Пастернак.
OhridNews