Во рамките на неделата на грижа за стари лица, Црвениот крст од Охрид  вчера ги објави резултатите од литературно-ликовниот конкурс на тема „ Баба и дедо кои ги сакам“, а ги прогласи и најстарата жителка и брачниот пар со најмногу години во брак.

Цвета Арнаудова родена 1909 година во Охрид, дипломиран правник, е прогласена за најсатара жителка во општинава на конкурсот што го распиша охридскиот Црвен крст по повод Неделата на грижа за стари лица што се одбележува од 17 до 23 ноември.

„За брачен  пар  со најмногу години  ги прогласивме Велика и Никола Димоски од Охрид. Тие се венчани во селото Вранче, прилепско и се 70 години во брак. Исто толку години брачен стаж имаат Трајанка и Лазар Германоски од селото Лескоец. Овие  два брачни пара како и најстарата жителка во општините Охрид и Дебрца во текот на неделава за грижа на стари лица ќе ги посетиме и ќе им подариме пригодни подароци“, соопшти претседателот на Црвен крст-Охрид, Сашо Точков.

Наградени за најдобри ликовни творби се Ирина Јолеска, Милка Василевска и Јана Ангелкоска од детските градинки во Охрид. Од основните училишта најдобри беа цртежите на Лиса Спахо, Ана Бојаџиева,Силвана Ставреска и Александар Кабулески.

„Огромен оздив  имаше за литературните творби на учениците од прво до четврто одделение“ потврди  Точков. Како што додава тој, наградени за најдобри литературни остварувања се  Евгенија Милошеска, Стефан Џалески, Магдалена Симоноска, Марија Симоноска, Кети Шикоска и Мартин Мечески. 

А.Р.