Купувањето на накит, часовници, скапа козметика, облека и прибор за домаќинство како честика за 8-ми Март, веќе одамна е минато. Во последните неколку години припадничките на понежниот пол како внимание за овој женски празник добиваат само скромни подароци и цвеќе.
Според охриѓани, причината за оваа нова пракса произлегува од економските прилики и нискиот животен стандард.
-За овој 8-ми Март им купив скромни подароци само на мојата мајка и на мојата свекрва, сакав да им купам нешто поскапо и повредно, но не ми дозволуваат материјалните услови. Порано кога имавме подобар стандард, за овој празник, подароци им купував на сите роднини и пријателки кои ми се драги, но за жал таа традиција изумре, вели охриѓанката Мирјана (45).
Дека од година во година се намалува купувањето на подароци за 8-ми Март потврдуваат и трговците.
-Нудиме само цвеќе, бидејќи во текот на минатите години се покажа дека останатите ситни подароци не се купуваа многу. Најчесто се бараат каранфили и ружи, но и саксиски цвеќиња, букети и икебани. Секако поголемиот дел од купувачите бараат да купат нешто што е поевтино, велат дел од продавачите на тезгите кај Чинарот, кои денеска имаа полни раце работа.
Помладите охриѓанки пак сметаат дека купувањето подароци за 8-ми Март е бесцелно и непотребно.
-Симболиката на 8-ми Март треба да биде многу поинаква од онаа слика која ја гледаме овде. Но за жал вниманието кон жените се покажува само на овој ден, а не би требало да биде така, вели Маја (26).
Како и секоја година, па така и оваа, највредни подароци за овој празник ќе добијат учителките и наставничките.
-Моето дете е трето одделение, а во класот се 30 деца. Со останатите родители одлучивме да собираме по 100 денари за купување на подарок. Планираме на учителката да и купиме комплет накит. Се надеваме дека ќе и се допадне. Претходната година и купивме чанта и марама, вели родителка, чие дете учи во едно од охридските основни училишта.
Други родители со кои поразговаравме на оваа тема велат дека праксата за купување на скапи подароци за наставниот кадар треба да се искорени. Се очекува нешто да се промени со примена на новиот Закон за вработените во јавниот сектор, во кој вредноста на подарокот кој смеат да го примат државните и јавните службеници е ограничена до 1.000 денари.
Е.М