Не само што има договор помеѓу владата и ДУИ туку тој стана дел од извештаите на европските институции за Македонија и дел од критериумите кои што треба да ги исполниме за да бидеме позитивно оценети од страна на Брисел, изјави денеска во Струга претседателот на државата Бранко Црвенковски.

Тој изрази жалење што јавноста за договорот била запозната од Брисел, а не од како што рече „од оние кои што седеа на масата и кои што го правеле тој договор. Меѓутоа тоа е реалноста и со неа мора да се соочиме“, додаде Црвенковски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е запознат со содржината на договорот, Црвенковски рече дека „после извештајот кој што доаѓа од Европскиот парламент и изјавите на комесарот за проширување Оли Рен сите сме запознаени со содржината на договорот“.


Црвенковски денеска се сретна со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко

Во врска со несогласувањата околу собранискиот деловник, Црвенковски рече дека  „во овој период во кој пред се и над се ни се потребни резултати по оние прашања од кои зависи нашето интегрирање во ЕУ и НАТО , битни закони кои треба да се усвојат кои што треба да ни ги отворат вратите за покана во НАТО и за датум за преговори во ЕУ се ставени на страна или во фиока, а се дискутира за некои прашања кои што немаат таква важност и значење“.

Запрашан дали  излегувањето на ДУИ од Парламентот  претставува опасност за повторно закочување на политичкиот дијалог во земјата,  Црвенковски рече дека со оглед на случувањата во изминатиот период би било наивно да се каже дека нема никаква опасност. „Јас само се надевам дека врз основа на искуството низ кое поминавме дека сите многу поодговорно ќе се однесуваат и дека и владата и опозицијата нема да дозвлат повторно да дојдеме во некоја блокада  што ќе значи повторно губење на време без резултати и ефекти“, рече Црвенковски.

Претседателот Црвенковски денеска престојуваше во работна посета на Струга каде оствари средба со градоначалникот Рамиз Мерко и претставници на локалната самоуправа.  На средбата станало збор за процесот на децентрализација кој како што рече Црвенковски поради други актуелности неоправдано е ставен на страна. Тој ја посети и фабриката за картонска амбалажа „Миском“ и ја разгледа новоизградената трим патека на плажата кај Еврохотел.

Г. Момироски