Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски денеска ќе престојува во работна посета на Охрид. Тој ќе оствари средба со претставници на локалната самоуправа и градоначалникот Александар Петрески, по што ќе ја посети фабриката Леарница. Црвенковски ќе присуствува и на свеченото пуштање во употреба на новиот пат во село Сирула.
Претседателот Црвенковски вчера во вилата Билјана во Охрид оствари средба со Потпретседателот на Владата на Република Србија, Божидар Ѓелиќ.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Црвенковски, потпретседателот на Владата на Република Србија, Ѓелиќ, истакна дека во однос на прашањето за решавање на статусот на Косово, српската страна очекува дека нема да дојде до унилатерално признавање на Косово.
Претседателот Црвенковски во разговорот потенцирал дека Република Македонија ќе го почитува ставот на меѓународната зедница во однос на ова прашање.
Двајцата соговорници го истакнаа заедничкиот интерес на двете држави за што побрзо интегрирање во Европската унија.
Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски во разговорот со потпретседателот на Владата на Република Србија, Ѓелиќ го отворил прашањето за посета на Македонска делегација на манастирот ,,Прохор Пчински,, по повод 2-ри Август, Националниот празник на Република Македонија. Воедно во текот на разговорот Претседателот Црвенковски се интересирал и за ставот на српската страна по однос на писмото доставено од нашето Министерство за надворешни работи, со барање за овозможување на таа посета.
Потпретседателот Ѓелиќ истакнал дека сеуште немаат добиено одговор од Српската православна црква, поради што Министерството за надворешни работи на Република Србија на може да достави официјален одговор на нашето Министерство за надворешни работи.
Г. Момироски