Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски денеска во Охрид, Вила Билјана, во рамките на ЕАПС Безбедносниот форум, оствари средба со амбасадорот на Велика Британија во НАТО, Стуjард Елдон.
На средбата Претседателот Црвенковски го искажа уверувањето дека Република Македонија ќе се покаже како добар домаќин на охридскиот НАТО форум. Претседателот се заблагодари за поддршката што Велика Британија ја дава на Република Македонија и на нејзиниот пат на Евро-атлантските интеграции.
Во Република Македонија има силна посветеност да се постигне целта и нашата земја во наредната година да ја добие поканата за членство во Алијансата. За таа цел, рече Претседателот Црвенковски, постои целосен политички консензус, а граѓаните даваат целосна поддршка за членството. При тоа тој го изрази оптимизмот дека македонските институции го имаа потребниот капацитет да ги забрзаат реформите и да одговорат на обврските што се услов за членство во НАТО.
Амбасадорот на Велика Британија потенцираше дека во наредните неколку месеци во НАТО ќе биде подготвувана програмата за проширување и дека за Република Македонија тоа е голем предизвик. Во наредниот кус, но многу значаен период таа треба да ги исполни обврските, особено во судските реформи и во борбата против корупцијата. Меѓу членките на НАТО, рече амбасадорот Елдон, постои расположение, доколку ги реализира обврските, Република Македонија да добие покана за членство.