Како држава во изминатава 2008 година се надевавме на подобри резултати и очекуваме поголеми успеси, но, во животот понекогаш низ тешкотиите подобро се преоценуваме себеси и побрзо собираме сили да се соочиме со проблемите кои доаѓаат, се вели во новогодишната честитка на претседателот на државата Бранко Црвенковски.

„Знам дека во нашето секојдневие има премногу политика, а премалку посветеност за решавање на секојдневните проблеми со кои граѓаните се среќаваат во овие тешки времиња. Токму затоа прва обврска на сите одговорни во државата во наредната година треба да биде да му посветат многу повеќе внимание на обичниот човек и на неговите желби и очекувања. Да се направи животот подостоинствен, да се вработат младите, да се победи немаштијата, да се грижиме повеќе за старите и немоќни наши сограѓани “, се вели во честитката.

Ако работиме заедно, ако сме сплотени околу најважните работи – успехот нема да изостане. Она што ни е најмногу потребно е мудрост, сталоженост и национално и државно единство за прашањата кои имаат најголемо значење за нашата заедничка иднина. Република Македонија заслужува подобри времиња. Само заедно тоа можеме да го постигнеме, стои во новогодишната честитка на претседателот Црвенковски.

Ohridnews