Во Владата не постои стратегија туку владее целосна  конфузија во врска со евроинтегративните процеси, што јасно се гледа од различните ставови што по ова прашање ги имаат клучните министри одговорни за оваа проблематика, оцени лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, кој денеска присуствуваше на одбележувањето на 66 годишнината од формирањето на Првата македонска пролетерска народноослободителна ударна бригада, што се одржа во струшкото село Локов.

Ако двајцата најповикани во Владата, министерот за надворешни и потпретседателот за евроинтеграции немаат заеднички став и проценка што ќе се случи на претстoјниот самит на ЕУ, што може да кажеме освен дека во самата Влада, владее целосна конфузија и непостоење на стратегија и анализа и нема јасна претстава што би и ја соопштиле на македонската јавност. Сметам дека во Брисел датум за преговори нема да добиеме, тоа е голем пораз за Република Македонија и дека нема да имаме безбројно повторени шнси што ни се пружаат и ако сме сите согласни дека ЕУ и НАТО се нашите стратешки определби, тогаш сите, а пред се Владата, треба да направиме се тие цели да ги постигнеме.-рече Црвенковски

Осврнувајќи се на актуелните политички случувања, Црвенковски ја критикуваше и одлуката на Владата да вработи нови 5000 лица во јавната администрација.

Изненаден бев од изјавата на премиерот кој проба да не утеши дека не се планираат 30000, туку 5000 нови вработувања во администрацијата. Нека се 5000 иако времето ќе покаже дека се повеќе. Во година на криза кога стопанството пропаѓа секоја логика и економските експерти велат дека треба да се растовари буџетот и јавната потрошувашка, оваа влада решава да вработи 5000 свои партиски војници кои не и требаат на администрацијата, не и требаат на државата, туку и требаат само на ВМРО ДПМНЕ да бидат нивна гласачка машинерија на следните избори, со еден збор се работи за неодговорна политика.-рече Црвенковски

Г.М.