Неприсуството на владини претставници на доделувањето на највисокото државно признание “Орден на РМ“ на МПЦ, вчера во катедралната црква Света Софија во Охрид, според претседателот Бранко Црвенковски е одлука која ќе ја цени јавноста.
“Моја должност и обврска беше да ги поканам сите и јас тоа го направив, а нивна одговорност беше да оценат дали ќе дојдат или не на таа свеченост. Нивно беше да оценат дали доделувањето на највисокиот орден и призание на Македонија на МПЦ го заслужува нивното присуство во Света Софија. Од тука натаму нека цени македонската јавност“, изјави денеска во Охрид, Црвенковски.
На свеченоста по повод доделувањето на највисокото државно признание на МПЦ, во катедралната црква Света Софија во Охрид присуствуваа истакнати личности од политичкиот и јавниот живот, дипломатски претставници, градоначалниците на Охрид и Струга, црковни великодостојници, но немаше ниту еден претставник на извршната власт, а не дојде ниту претседателот на Собранието.
Запрашан дали може да има слични недоразбирања во македонскиот државен врв за време на претстојниот самит на НАТО во Охрид, Црвенковски рече дека од негова страна нема да има такво нешто.
“Од моја страна, ниту досега, ниту од сега, ќе дадам некаква изјава или ќе повлечам некаков потег или иницијатива, која што би посметала на кохабитацијата или на угледот на Македонија“, додаде Црвенковски.
Г. Момироски