Македонија и Албанија треба во месеците до самитот во Букурешт да ги завршат своите обврски од што зависи поканата за членство во НАТО,порачаа претсесдателите на двете земји, Бранко Црвенковски и Бамир Топи кои денеска во Охрид имаа билатерлна средба.
Во периодот кој следи политичките сили во Албанија и во Македонија треба да се фокусираат на реализиција на тоа што зависи од нас, истакна Црвенковски, кој повикувајќи се на времената спогогодба од 1995 година, ја отфрли можноста Грција да го блокира членството на Македонија во НАТО поради проблемот со името.
Двајцата претседатели во Охрид разговарале и за безбедносната состојба во регионот и решавањето на косовското порашање. Коментирајќи ги последните инциденти на границата кон Косово и Албанија, Црвенковски истакна дека и покрај ставот на МВР дека тие се резултат на дејствување на криминални групи и поединци не може да се занемари и можноста за нивна евентуална поврзаност со решавањето на финалниот статус на Косово. Затоа рече Црвенковски за среда во 14 часот го свикав Советот на безбедност на кој релевантните институции ќе ја разгледаат актуелната безбедносна ситуација.
Претседателот на Албанија, Топи, оцени дека соработката на безбедносните структури на двете земји е добра, но дека треба да се засили обезбедувањето на границата и превентивно да се делува.
Во врска со решавањето на косовското прашање, двајцата претседатели го повторија идентичниот став за подршка на планнот на Ахтисари. Запрашан што доколку Приштина на 10 декември прогласи независност, претседателот Црвенковски рече дека за Македонија најдобро е финалниот статус да биде дефиниран со резолуција на Советот за безбедност на ОН, а доколку тоа не е возможно Македонија ќе ја почитува одлуката на НАТО и ЕУ, односно за неа е битен ставот на Брисел, а не на Приштина.
Одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Уставниот суд кој укина одредени одредби од законот за употреба на знамињата Црвенковски рече дека политичките партии со заеднички сили треба да се залагаат за надминување на овој проблем. Според него тој може да се реши со креирање нов закон или слична иницијатива но никако со креирање на нов поголем проблем и негирање на правната држава и Уставниот суд.
Во изјава за домашните медиуми по средбата со Топи, Црвенковски ја објасни и одлуката за помилување на Александар Верушески. Тој рече дека таа ја донел поради здравствената состојба на Верушески и на предлог на Комисијата за помилување и дека не враќал никакви долгови кон таткото Зоран. Александар Верушески не смее да биде привилегиран поради неговиот татко, но не смее да биде ниту дискриминиран заради тоа, рече Црвенкоски.
Горан Момироски