Ако се најде формулација која ќе биде користена за меѓународна употреба која ќе биде различна од уставното име, меѓутоа во исто време не го загрозува нашиот национален идентитет, вреди да се размисли, изјави денеска во Охрид претседателот Бранко Црвенковски на конференцијата посветена на мултикултурата во Македонија.
Ако можеме да дојдеме до разумен компромис во преговорите што сега се одвиваат кои што од една страна ќе го одбрани нашиот национален идентитет, а од друга страна ќе ни овозможи да ја добиеме поканата за НАТО и ќе ја симне бариерата во натамошниот процес на нашето зачленување во ЕУ, мислам дека тоа е пристап кој треба да се поддржи и за кој јас лично се залагам.
Свесен сум дека сите во државата немаат исто мислење по ова прашање но не држат ставовите на одредени интелектуалци дека јас со овој мој пристап ја нарушувам преговарачката позиција на Македонија, рече Црвенковски. Според него јавноста во Македонија сеуште од никого не добила одговор на мошне битното прашање што доколку на самитот во Букурешт не добиеме покана за НАТО, иако ревносно работиме на тоа. Оној што ќе ни каже дека премногу е скапо прашањето за името и дека за тоа не треба воопшто да се размислува должен е да излезе пред целата јавност и да го соопшти сценариото што потоа и како Македонија ќе се развива во наредните 10 години, рече Црвенковски.