Според Црвенковски во услови на слаба опозиција власта која убедливо ги доби изборите лесно може да стане апсолутистичка, што како што рече, исто така не е добро. Коалицијата ВМРО ДПМНЕ – ДУИ има бадинтерово мнозинство и тоа е власт која мора да биде ефикасна, смета Црвенковски. „Опозицијата пред овие избори беше слаба, а сега уште извесно време ќе биде уште послаба, а без силна опозиција нема успешна власт“ рече претседателот Црвенковски. Тој искажа жалење за состојбите во СДСМ која како што рече доживеа голем пораз на изборите. Според него причината за поразот на изборите партијата треба да ја бара во сопствените редови и да извлече поука од грешките.
Црвенковски смета дека Македонија нема алтернатива за евроатлантските интеграции и затоа, рече тој, не е сеедно кога земјата ќе стане дел од ЕУ и НАТО. Тој искажа загриженост што земјата која само до пред неколку години беше понапред од соседите сега заостанува зад нив во евроинтегративните процеси. Во врска со билатералниот спор за името со Грција, Црвенковски го повтори ставот дека Македонија мора да направи се за да го реши наметнатиот спор кој го попречува интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО. Во тој контекст тој истакна дека нема ништо лошо во предлогот на владата за референдум, но според него не е фер политичарите да бегаат од одговорност во решавање на клучните прашања кои задираат во идентитетот на македонскиот народ.
Црвенковски на трибината во Охрид одговараше на бројни прашања на граѓаните кои покрај за спорот за името се интересираа и за прашања од областа на економијата, социјалата и проблеми од секојдневниот живот.
Црвенковски на трибината во Охрид