Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на вчерашната понуда на премиерот Никола Груевски за предвремени избори, одговори со предлог план со временски рокови за враќање во Собранието и распишување избори, јавува „Макфакс“.

Од СДСМ бараат симнување на блокадата на сметките на телевизијата А1, весниците „Време“, „Шпиц“, „Коха е Ре“, за изборниот законик, прочистување на избирачкиот список, а се откажуваат од барањето министерот за правда да се тргне од Судскиот совет.

Според проценката на СДСМ, доколку се исполнат овие услови, предвремените парламентарни избори би се одржале во средината на јуни.

„Ова е сериозен план со конкретни рокови. Ако сте искрен во подготвеноста да се соочиме со народот на фер избори, докажете го тоа. Прифатете го овој предлог и ајде да почнеме да работиме. Да одиме на избори во јуни“, рече Црвенковски, при тоа додавајќи дека барањата се легитимни и логични и нема причина зошто да не бидат прифатени.

Тој додаде дека доколку премиерот ги одбие овие услови, тоа би значело дека не е подготвен за избори.

OhridNews
извор: „Макфакс“