Овој марш ќе продолжи и ќе трае сè додека народот не се избори за својата подобра иднината, овој марш ќе заврши со избори и со победа на тие избори.

Ова е пораката што лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Бранко Црвенковски ја упати до Владата, од вчерашниот протестен марш.

Тој го повика премиерот Никола Груевски на избори, со цел, како што вели, да престане бедата, сиромаштијата и понижувањето.

„Не може најголемите гробари на македонската иднина да се прогласуваат самите за патриоти, не може најголемите криминалци да ни продаваат приказни за морал и правда, не може оваа рекордна сиромаштија и невработеност да ни ја прикажуваат како економски успех и економски реформи“, порача лидерот на СДСМ.

Црвенковски рече дека пратениците на СДСМ и на опозициониот фронт ќе поднесат до Собранието три документи – одлука за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени парламентарни избори, документ за измени на изборниот закон со кој ќе се овозможат елементарни услови за фер и демократски избори и одлука за формирање на собраниска комисија за контрола и надзор врз избирачкиот список.
 
Тој и насобраниот народ, на симболичен начин му покажаа црвен картон на премиерот Никола Груевски и го повикаа на предвремени избори.

„Пет години ги искривуваат сите норми во ова општество, се обидуваат да нè убедат дека ненормалното е нормално. Порази има на сите полиња, стопанството пропаѓа, инвестиции нема, секое трето семејство се бори за гол живот и да преживее, демократијата се гази на секој чекор, слободата на медиумите е мисловна именка, а невладиниот сектор се третира како државен непријател“, рече Црвенковски.

 Според информациите од опозицијата на протестниот марш се приклучиле повеќе од 50.000 лица, а допатувале со 600 автобуси од цела Македонија.

OhridNews
извор: „Макфакс“