Состојбата со пожарите во Македонија од ден на ден секојдневно се менува и потребно е постојано да сме мобилни, изјави денеска во Охрид претседателот Бранко Црвенковски.
Запрашан за случувањата во Собранието и барањата на опозицијата за оставка, Црвенковски рече дека легитимно право е на опозицијата да бара оставки, а на парламентарното мнозинство тоа да го одбие , но сега кога Македонија се наоѓа во средиштето на сериозна криза предизвикана од големиот број пожари главниот акцент треба да се стави на тоа како да се совлада таа криза. „Време за препукувања во Парламентот за барање оставки секогаш има, но сега не е време за тоа, сега е време да се гаснат пожарите и состојбата да се стабилизира“, рече Црвенковски.
Во врска со последната средба на политичките лидери во Скопје тој рече дека тоа му е прв и последен пат да прифати покана за присуство на средба иницирана од меѓународни фактори.
„Бев на средбата само поради тоа што се работеше за многу важно прашање како што е формирањето на Судскиот совет. Меѓутоа, понижувачки е и за државата и за народот, бидејќи вака покажуваме дека немаме капацитет и не сме способни сами на маса да ги решаваме проблемите“, истакна Црвенковски.
На прашање во врска со одбележувањето на националниот празник 2-Август, тој одговори дека не верува оти ќе добие каков било одговор од Србија македонска делегација да го одбележи празникот на Прохор Пчински. Таков впечаток добил по вчерашниот разговор со потпретседателот на српската влада, Божидар Ѓелиќ. Според Црвенковски, прославата ќе се одржи во меморијалниот центар Пелинце.
Средба со граѓани на Охрид
Претседателот Црвенковски денеска престојуваше во работна посета на Охрид. Тој ја посети општината Охрид и се сретна со градоначалникот Александар Петрески и со претставниците на советничките групи. На средбата станало збор за процесот на децентрализација, како и за развојот на туризмот во Охрид, при што Црвенковски го изнесол своето мислење дека во Охрид повеќе треба да се развива културниот, како и елитниот туризам.
Црвенковски денеска во Охрид ја посети фабриката „Леарница“ и оствари средба со граѓаните на Охрид, а во селото Сирула присуствуваше на пуштањето во сообраќај на патот во должина од 2,5 километри.
ohridnews