Ваквото тврдење Црвенковски го поткрепува со податокот дека поканата од Груевски за тет-а-тет средба ја добиле непосредно пред почетокот на прес конференцијата на СДСМ, која што лидерот на опозицијата ја свикал со намера да го повика премиерот да свика лидерска средба во најкус рок.
„Навистина е чудно како човекот успева да ми ги чита мислите, или можеби ми ги чита разговорите“, изјави Црвенковски.
Запрашан дали на овој начин изразува сомнеж дека е прислушуван, Црвенковски нагласи дека тврди оти е прислушуван и додаде дека сите се прислушуваат.
„Како и да е поканата за средба му ја прифаќам и однапред му соопштувам дека прашањето за избори не е прашање само меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Може на таа средба да разговараме за многу работи, дури и да се договориме, но останува потребата за лидерска средба на сите парламентарни партии“, рече Црвенковски.
Тој изрази надеж дека на средбата со Груевски ќе го убеди од потребата да свика лидерска средба, но од друга страна истакна дека на таа средба не треба да учествуваат и коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме подготвени веднаш да седнеме на преговарачка маса со сите релевантни парламентарни партии и да изградиме консензус околу Изборниот закон, Законот за медиуми и сите останати услови за одржување на демократски и фер предвремени парламентарни избори“, рече Црвенковски.
Лидерот на СДСМ истакна и дека ќе инсистира до крај на исполнување на условот, кој се однесува на повлекувањето на одлуката за замрзнување на сметките на А1, Време, Шпиц и Коха е ре.
Истовремено Црвенковски го предупреди владејачкото мнозинство во Собранието да не избира претседател на ДИК без присуство на опозицијата.
извор: „Макфакс“