Нема да се кандидирам на следните претседателски избори, изјави Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија во интервјуто за утрешното издание на весникот „Дневник“, пренесува Макфакс.

Црвенковски истакна дека неговата одлука е конечна и дека токму затоа јавно ја соопштува.

„Причините за ваквата моја одлука се од сосема друга природа и нивното елаборирање бара многу повеќе време и простор. Во оваа прилика би спомнал само една. Вршењето на претседателската функција ме упатува на кохабитација со Владата, со чија политика по низа крупни прашања не се согласувам“, вели Црвенковски.

Тој додава дека не сака да биде соучесник на политика која во иднина ќе предизвика тешки и долгорочни последици.

„Без разлика што оваа одлука веќе ја донесов, до последниот момент додека ја вршам функцијата Претседател на Републиката, тоа ќе го правам крајно одговорно, со целосна посветеност и секогаш водејќи се од националните и државните интереси на нашиот народ и на Република Македонија. Така се однесував досега, така ќе биде и до последниот ден на мојот претседателски мандат“, изјави претседателот Бранко Црвенковски во интервјуто за утрешното издание на весникот „Дневник“.

извор: Макфакс